Индиските власти издадоа упатство до локалните авиокомпании да спроведат испитувања на прекинувачите за гориво на одредени модели на авиони произведени од „Боинг“.
Сличен потег беше преземен и од Јужна Кореја, како дел од зголемениот надзор врз механизмите за заклучување на прекинувачите, во контекст на истрагата за трагедијата на „Ер Индија“, во која животот го загубија 260 лица.
Овие мерки се преземаат и покрај гаранциите од производителот „Боинг“ и Американската федерална управа за авијација (FAA) дека прекинувачите за гориво се безбедни.
Според прелиминарниот извештај за несреќата, двата прекинувачи за гориво речиси истовремено биле преместени во позиција „исклучено“ веднаш по полетувањето. На снимките од пилотската кабина се слуша како едниот пилот го прашува другиот зошто го исклучил горивото, на што вториот одговара дека не го сторил тоа.
Извештајот укажува на препораката од FAA од 2018 година, која ги советува, но не ги задолжува авиокомпаниите што користат одредени модели на „Боинг“, вклучително и 787, да ги проверат механизмите на прекинувачите за гориво за да се спречи случајно исклучување.
Генералната дирекција за цивилно воздухопловство на Индија објави дека издала налог за испитувања на прекинувачите за гориво на моделите „Боинг“ 787 и 737, откако индиски и меѓународни превозници почнаа со инспекции.
Австралиската авиокомпанија „Квантас“ и јапонската „Еј Ен Еј“ изјавија дека ги следат препораките на FAA уште од 2018 година.
Сингапурските авиолинии, од друга страна, спроведоа нови или дополнителни инспекции по објавувањето на извештајот и потврдија дека сите прекинувачи за гориво на нивните авиони „Боинг“ 787, вклучително и на нискобуџетната подружница „Скут“, функционираат нормално.
ссм/фото: архива.