Грузискиот парламент в понеделник ќе ја почне процедурата за поништување на ветото на претседателката Саломе Зурабишвили на законот за странски агенти, објавено е на веб-страницата на парламентот.
Собраниски одбор треба да се состане в понеделник во 9:00 часот по локално време за да го разгледа ветото на претседателката за законот за странски агенти.
Доколку Одборот се согласи да го поништи ветото, за тоа прашање ќе се расправа на пленарната седница на 28 мај.
За надминување на претседателското вето потребно е одобрение од најмалку 76 од 150 членови на еднодомниот парламент. Владејачката партија Грузиски сон Демократска Грузија има 84 пратенички места.
Доколку ветото се поништи, предлог-законот се враќа на потпис кај претседателката.
Во случај Зурабишвили повторно да одбие да го потпише документот, истиот ќе биде потпишан и објавен од претседателот на парламентот Шалва Папуашвили.
По неговото објавување, ќе стапи на сила законот „За транспарентност на странско влијание“.
Конечната верзија на контроверзниот закон за „странски агенти“, што беше усвоен од грузискиот Парламент во третото и последно читање на 14 мај, беше изменета на 17 мај и предвидува казни за поединци за неоткривање информации за агенти со „странско влијание“.
зш/ .
Извор: МИА