Лекот „Трикафта“, наменет за болните од цистична фиброза, пристигна во земјава, според изјавата на претседателот на Асоцијацијата, Фики Гаспар, за МИА.
Гаспар истакна дека лекот пристигнал вчера, но се уште не е дистрибуиран на Клиниката поради административни процедури.
За добивањето на лекот треба да се завршат одредени бирократски процедури и царина, но можеби веќе на петок пациентите ќе може да го добијат лекот. Според Гаспар, до крај на неделата ќе треба да стигне на Клиниката.
Исто така, Гаспар сподели дека денеска имале средба со министерот за здравство Фатмир Меџити каде разговарале за идните активности.
МИА барала потврда за информацијата од Министерството за здравство, но не доби одговор до моментов.
Претходно, Владата обезбеди 2,2 милиони евра од буџетот за купување на лекот во спомен на пациентот Благојче Илиевски, кој почина откако две години се бореше да се донесе лекот во земјава.
Добавувачот на лекот има обезбедено количини за најкритичните пациенти, а лекот се произведува по барање и нарачка за точниот број на пациенти.
Пред еден месец Асоцијацијата за цистична фиброза организираше протест пред Владата поради односот на државата кон нивната болест и чекањето за внесување на лекот „Трикафта“.
„Жално е во 21. век да постои лек за болеста, а пациентите со цистична фиброза умираат. Многу сме револтирани од долгото чекање и одлучувањето дали и колку пациенти ќе го добијат лекот. Нема време за чекање”, изјави Ирена Василевска, мајка на дете со цистична фиброза на протестот пред Владата.
