Ги игнорирала јасните симптоми на болеста, а сега горчливо се кае
Стравот навистина може да парализира, а пример за тоа е 31-годишната жена од Вашингтон која три години ги игнорирала симптомите на рак.
Кога конечно отишла на лекар, ѝ бил дијагностициран последен стадиум на рак на дебело црево и сега ѝ преостанува помалку од една година живот.
„Ќе умрам за помалку од една година. Три години имам крв во столицата поради рак на дебелото црево. Се плашев од колоноскопија и сега имам последен стадиум на рак. Сама сум си виновна за ова“, напишала таа на Редит.
„Згрешив и сега морам да донесам одлука. Нема да се лекувам, бидејќи лекувањето само го продолжува животот, но не лечи. Не сакам да го оптоварувам моето семејство и сакам последната година од мојот живот да биде позитивна. Не сакам последните денови да ги поминам во болница.“
Иако бројот на заболени од рак опаѓа во последните 10 години, докторите се загрижени поради порастот на бројот на случаи на рак на дебелото црево кај помлади пациенти. Експертите ги истражуваат причините, вклучувајќи ги модерната исхрана, антибиотиците и габичните инфекции. Доцните дијагнози дополнително придонесуваат за високата стапка на смртност, бидејќи помладите пациенти ретко се сомневаат на сериозна болест.
Оваа жена од Вашингтон одлучила да не му каже на своето семејство за болеста, за да ги поштеди од страдањето.
„Тие не можат да ми помогнат. Зошто тогаш би страдале?“
Во последниот стадиум на ракот на дебелото црево, ракот се шири на другите делови од телото и лекувањето не помага. Стапката на преживување е околу 14 отсто.
Поврзани објави
Во 1990-тите години, само 11 отсто од случаите на рак на дебело црево се однесувале на лица помлади од 55 години. Сега, таа бројка сочинува околу петина од сите дијагнози, според податоците од 2021 година. Едно истражување објавено во списанието JAMA Surgery предвидува пораст на случаите кај пациенти помеѓу 20 и 34 години за 90 отсто до 2030 година.
Жената од Вашингтон открила дека се обидува да ја прифати својата блиска смрт.
„Сакам да умрам гледајќи изгрејсонце или зајдисонце или барем под мои услови. Имам 31 година и тажна сум што не постигнав повеќе во животот. Само што дознав и дека сум неплодна. Никогаш не ги следев своите соништа и се чувствувам како да потфрлив. Се надевам дека постои следен живот во кој ќе се искупам“, рекла таа.
По нејзината објава, корисниците на Редит ѝ дале поддршка и совети, охрабрувајќи ја да не се откажува од лекувањето.
„Мислите не ти се најсредени сега. Во многу места постојат советувалишта за заболени од рак“, „Блиските на заболените полесно ја поднесуваат смртта ако знаат за болеста. Имаат време да кажат сè што сакаат“, „Бев на истото место каде што си ти сега. Размисли за лекувањето. Така би можела да добиеш уште неколку години живот за нештата што си ги пропуштила.“
По сите совети, жената одлучила да се лекува.
„Ќе се лекувам! Нема да се откажам веднаш! Ви благодарам за разбирањето и поддршката. Вчера ми беше ужасно, но денес ми е подобро, благодарение на вас и вашите зборови.“