Дознајте што прво треба да направите ако ве касне змија и како да ги одбегнете последиците
Убодот од отровна змија се познава по две убодни рани на растојание од 6 до 10 мм, колку што е растојанието меѓу отровните заби на видовите што ги има кај нас. Овие змии понекогаш нанесуваат и таканаречен „сув убод“ кога не исфрлаат отров, а тоа го прават кога се исплашени и сакаат само да го застрашат напаѓачот.
Ако ве касне змија, најважно е да утврдите дали таа е отровна или не. За разлика од неотровните, отровните змии имаат триаголна глава и тесни елиптични очи.
Нашите отровници се разликуваат од оние што не се отровни и по формата на телото. Телото на отровните змии е кратко и набиено, за разлика од другите, чии тела се тенки и издолжени. Вреди да се напомене дека разликувањето на отровниците на овој начин важи само за подрачјето на Европа.
Во зависност од видот на змијата, знаците и симптомите што откриваат дека сте каснати може да вклучуваат:
- Неколку траги од убодни рани
- Црвенило и оток околу убодот
- Силна болка на местото на убодот
- Мачнина и повраќање
- Отежнато дишење (во екстремни случаи, дишењето може комплетно да престане)
- Нарушен вид
- Зголемено лачење плунка и потење
- Трпнење или пецкање околу лицето и/или екстремитетите
Во прирачниците за самопомош се сугерира да не тргнувате во лов по змијата, поради ризикот од дополнително каснување. Ако сте ја убиле змијата, пожелно е да ја однесете во болница за точна идентификација, што може да го олесни одредувањето терапија.
Поврзани објави
Третирање на раната
Ако змијата не е отровна, треба обилно да ја измиете раната со вода, да ја намачкате со антибиотска маст и да ја завиткате во завој. Треба да проверите кога последен пат сте вакцинирани против тетанус, па ако поминале повеќе од 5 години, треба да ја повторите вакцината.
Ако постои сомнеж дека каснувањето е од отровна змија, каснатата личност мора строго да мирува, односно треба да ги одбегнува и најмалите движења, а раката или ногата каде што е убодната рана треба да бидат имобилизирани.
Не се препорачува да се обидувате да го ишмукате отровот на местото на убодот! Подврзувањето над убодната рана, исто така, не е препорачливо и не се применува, бидејќи може да доведе до компликации. Евентуална компресија можат да изведат само посебно едуцирани здравствени работници во вонредни случаи. Исто така, не смеете да ставате мраз на раната.
Неопходно е каснатата личност итно да се однесе во болница.
Обично, жртвите на убод од змија се хоспитализираат, без разлика дали змијата е отровна или не.
Противотров за змиски убод се дава исклучиво во болнички услови интравенски, и тоа само кога е строго индициран, бидејќи самиот серум може да предизвика сериозни реакции, дури и опасни по живот.