78
Димитрие Трајковски беше наочит маж на своите 40години и веќе подолго време важеше за познат активист на тогаш владеачката партија на социјалните мрежи. На својот профил на Фејсбук , со фотографија од младоста, од време на време, пишуваше по некоја пофалба за премиерот и министрите ,ставаше лајкови на сите настани во организација на неговата партија и ги исмејуваше опозиционите лидери и партии.
Иако беше само референт за увоз -извоз во една мала трговска фирма , и познат гулабар во Сарај, сметаше дека му се насмевнува добра политичка кариера.
На својот профил на платформата Х беше познат под името Маткаш кое за оние што не беа во тек грдо звучеше, но тој тоа сам си го додаде на своето име и презиме ,според селото Матка во кое беше роден.Беше свесен дека тоа не звучи како Вардарски или Пирински ама тоа беше моден тренд во земјата и му делуваше како конспиративните имиња што си ги ставале партизаните или ги добивале според заслугите во некоја борба..
Ништо не му навестуваше на Димитрие дека неговата политичка кариера може да тргне удолу. Но, еден ден, откако отспа малку подолго по бурната ноќ со другарите ,се разбуди и беше вџашен од тоа што го виде на својот мобилен.На Вибер од непознати профили му пишуваа дека е гад ,предавник и дека гадно ќе заврши. Му пцуеја се по список, му кажуваа дека бил змија што тие ја чувале во пазувите а му јавуваа и дека неговата работа како референт за увоз и извоз ќе биде проверена и дека ќе скапе во затвор.
Уште не можеше да се свести од шокот што му го предизвикаа пораките а веќе виде дека неговиот профил на Фејсбук некој го хакирал, ставил фотографија од лидерот на неговата партија и под неа со големи букви напишал: Идиот.
Димитрие дури сега не знаеше што да прави. Се обиде да телефонира кај некои другари но тие веќе не беа достапни за него. Се облече на брзина и тргна право во седиштето на партијата. Таму уште на влезот му кажаа да си оди додека не му ги искршиле коските и плукнаа по него портирите а од приватното обезбедување на партијата му удрија и една клоца.
Се врати дома избезумен и веќе имаше што да види. На неговиот профил под сликата на лидерот на која пишуваше Идиот имаше добиено над илјада лајкови и коментари. Во коментарите , познати опозиционери и активности го нарекуваа храбар човек ,чесен ,патриот кој собрал храброст да ја каже вистината за својот лидер и партија и дека такви чесни луѓе се иднината на нашата татковина.
Разочаран од тоа што неговата партија не му верува повеќе , го игнорира , го понижи и го исплука, Димитрие изнервиран, под фотографијата на лидерот на која пишуваше Идиот додаде нов статус: „Не само тој. Сите се идиоти во таа партија„. Доби уште илјадници лајкови и пофалби и конечно заѕвони неговиот телефон. Љубезен глас на една девојка која му се претстави како шеф на кабинетот на лидерот на опозицијата го праша дали би бил љубезен да дојде на разговор со лидерот на опозицијата.
Димитрие сметаше дека веќе нема што да изгуби.Си помисли во себе дека така е во животот. Кога една врата се затвора друга се отвора. Ја прифати поканата, се потсреди малку и отиде во седиштето на опозицијата. Таму веќе беа собрани членовите на врвот на партијата. Го дочекаа со аплауз и му рекоа дека ако така продолжи со својот активизам на социјалните мрежи против неговата бивша партија му ветуваат и пратеничко место во Собранието.
Во меѓувреме му кажаа дека тие му го хакирале профилот ама тоа не го сметаат за грев бидејќи само го охрабриле да почне да ја говори вистината и тоа што искрено го мисли и што му лежи на срцето.
Димитрие знаеше колкави привилегии носи пратеничката плата и дека таа понуда не беше мала работа за него, па се согласи да продолжи да работи за нив.Еден пријател од неговиот крај, кој беше разбрал за понудата што му ја дале, му прати порака која гласеше. “Само напред Димитрие. И твоето маче ќе фати глувче” Димитрие итро се насмевна.
Почна Димитрие да пишува дека во неговата партија не само што лидерот и сите членови се идиоти туку дека таа партија нема програма ,во неа нема демократија ,таму лажат, крадат, неморални се, и сите до еден се корумпирани.Во опозиционата партија беа многу задоволни од него и веќе му беше ветено добитно место на изборните листи.
Арно ама, еден ден , како што знае Ѓаволот да ги измеша работите, во медиумите осамна големо истражување на некоја невладина организација за хакирани страници на политичките активисти. Меѓу нив беше споменато и името на Димитрие Трајковски- Маткашот, кој заради тоа претрпел големо шиканирање од страна на неговата партија.
Сега веќе како политичка жртва на хакерскиот напад но на неговата партија доби нов статус во општетсвото.
Не помина долго време од објавувањето на написот кога заѕвони мобилниот. Сега се јавуваше шефицата на кабинетот на претседателот на неговата партија. Го праша прво љубезно како е и дали би можел да дојде утре претпладне да се види со претседателот. Димитрие шокиран од настаните, се мислеше малку, како да го проверува распоредот за утре, ама рече некако збунето дека ќе дојде.
Цела ноќ не спиеше Димитрие и се мислеше што е тоа што го знае а што не знае претседателот на неговата партија и што ќе каже ако ја дознале целата вистина. Утредента се подотера одново, им кажа на работа дека мора да излезе на кратко и се упати кон зградата на неговата поранешна партија. Сега веќе беше најавен, го пречекаа љубезно, го понудија со кафе додека чекаше за влез кај претседателот и конечно му рекоа да влезе.
Претседателот го дочека со широка насмевка и отворени раце за да го прегрне. Откако седнаа му рече:„ Голем грев направивме кон тебе Димитрие. Јас лично како да знаев дека ти е цело време хакиран профилот ама другите ме убедија дека е можно да си преминал на другата страна.Ама идиоти. Што да ти кажувам тебе?
Сакам сега да си се вратиш во партијата. Напиши дека сето она што до сега било објавувано на твојот профил ти никогаш не си го мислел ниту напишал и кажи дека се тоа гадости направени од опозиционата партија. А ние ќе ти најдеме некое подобро место од она референтското и им реков веќе да ги искинат пријавите за некоја ситна проневера што си ја сторил.
Димитрие дури сега сфати дека е во небрано. Си помисли во себе: „Твоето маче нема никогаш да фати глувче Димитрие„ и промрморе како за себе; Ебати среќата Димитрие.
Што рече? Го праша претседателот.
Прашав рече Димитрие дали може само на мојот профил да остане само мојот прекар „Маткашот„. И под него ќе напишам што сакате.
Може, може Димитрие- рече претседателот. Под тоа име те знаат, препознаваат и под него ќе направиш политичка кариера, со било која партија. Такви се времињата денес.
The post Хакираниот профил, расказ, (од мојата збирка) appeared first on МАКТЕЛ.