Почетна ТехнологијаПредновогодишен благотворителен базар Затоа што големите промени доаѓаат со мали чекори

Предновогодишен благотворителен базар Затоа што големите промени доаѓаат со мали чекори

од nenad
4 минути читај за

Ветеринарната амбуланта Вет Свет постои 6 години и пета година по ред организира Предновогодишен благотворителен базар на кој се истакнуваат теми за бездомните миленици како и нивната благосостојба, со што целиме да допринесеме за будење на свестта во нашето општество за подобра грижа и благосостојба како на домашните така и на бездомните животни. Животните кои ги гледаме секојдневно по нашите улици кои се продукт на нашиот брз начин на живот, а најчесто тие се оние кои остануват во сенка. Донираните средства на овие базари секогаш ги реализираме во бесплатни услуги за животните на кои им треба итна помош или манипулација.

   

Би сакале да ве поканиме да го одбележите  5тиот- јубилеен базар организиран од ветеринарна амбуланта Вет Свет. Оваа година базарот ќе биде во духот на уметноста и мотото е (Затоа што големите промени доаѓаат со мали чекори). Секојдневно сме сведоци на брзото темпо со кое се движиме низ наметнатите обврски, ја губиме смислата за креативност во нас. Истото се случува и со најмладите на кои ние возрасните треба да им дадеме добар пример. Оваа година ќе се забавуваме заедно, ќе изработуваме накит од монистри, ќе цртаме на чаши и ќе изработуваме картички со колаж техника, а за убава атмосфера на настанот со специјална музичка селекција ќе се погрижи DJ Tecktone. Заедно преку забава и изработка на подароци да им дадеме поттик и на нашите деца дека се дел од нешто поголемо и да го искусиме дарот на хуманоста.Досегашните предновогодишни базари беа на различни теми и имавме убав успех во поттикнување на хуманоста кај нашите сограѓани.

Првиот базар беше со тема реискористи, рециклирај и донирај. Со мото (За некого стар предмет, значи нов прекрасен подарок за друг). Секој можеше да донира сеуште употребливи предмети од своето домакинство, сите донирани предмети беа разменувани на базарот за симболични суми и средствата кои се собраа беа искористени за стерилизација на над 40 женски кучиња и мачки. Освен што се донира и на тој начин се собираат средства за бедомните животни, преку базарот сакавме да ја разбудиме свеста за зачувување на нашата земја и намалувањето на консуматорството во нашето општество.

Втората година беше почетокот на ковид и бевме сите ограничени во дружбите. Спазувајќи ги препораките за дистанца, без да можеме да ги прегрнеме најблиските со помош на прекрасните идеи од наши графички дизајнери и илустратори изработивме картички. Од таму дојде идеата за базарот со мото (Размени картичка донирај за бездомно животно).Така обезбедивме средства за терапии и стерилизација на триестина бездомни мачиња и кучиња. Купувајќи картичка и излегувајќи од светот на социјалните мрежи да се потсетиме колку една картичка подарена или добиена по пошта може да ни ја стопли душата.

За Третиот по ред базар нашиот тим дојде до идеја преку промоција на локалните уметници и артисти како и размена на нивните изработки да се соберат средства за стерилизација на бездомни мачки и така заедно да помогнеме да се намали бројот на нови мачиња без шанса за дом. Истовремено да промовираме локални уметници и да го поддржиме нивниот труд и креативност.

За 4тиот по ред базар организиравме хуманитарна изложба за промоција на нашите планини – запознај ги височините на Македонија. Наши планинари -фотографи споделија со нас едни од најуникатните фотографии направени од едни од највисоките планински врвови во Македонија. Запознавајќи ја нашата земја до нејзините највисоки врвови да започнеме да се грижиме за неа и за сите оние наши тивки сожители кои немаат глас – бездомните животни. Изработивме картички и средствата ги искористивме за стерилизација на над 30 бездомни мачки, а помогнавме за згрижување терапија и вдомување на уште десетина.

Не на последно место секоја година изработуваме уникатни календари со чија што промоција го дополнуваме буџетот на собрани средста. Стекнувајки се со календар кој може да го краси вашето биро или ѕид знаете дека се помогнале на едно бездомно животно.

Напоменуваме, собраните средства од сите базари се искористени само за набавка на конзумативи за интервенциите со кои помогнавме на многу животни, а сите останати услуги беа донирани од страна на стручниот тим од ветеринарната амбуланта Вет Свет.За крај би сакале и официјално да ве поканиме да го посетите и доколку сметате дека може да го одразите нашиот 5ти јубилеен базар. Настанот ќе се одржи во кафе бар Макка бул. Св Климент Охридски на 17.12.2023 со почеток од 12:00ч.