Почитувани,Повод: Програмата на СВП за 2023 година
Како кандидат за Градоначалник на последните локални избори од редовите на СДСМ, а во името на неколкуте илјади граѓани што ми ја дадоа подршката, чувствувам морална одговорност да побарам од Министерката за култура г-ѓа Бисера Костадиновска – Стојчевска да ги разреши Директорот и Управниот одбор на Националната установа ,,Манифестацијата Струшки вечери на поезијата” со седиште во Струга. Постојат повеќе причини за ваквата моја реакција. Ќе се обидам во неколку пасуси ова да го објаснам.
Подолго време не стивнуваат реакциите од страна на стружани во врска со неодговорното работење од страна на раководниот тим на СВП. Деновиве со остри реакции се јавија поголем дел на граѓани. Ќе споменам еден мал дел од нив. Универзитеската професорка Јованка Билјан на својот facebook профил остро реагираше по повод програмата на СВП и одржувањето на манивестацијата во повеќе градови. На нејзиниот профил со негатвни коментари реагираа преку педесет нејзини пријатели. Со своја реакција преку facebook профилот се јави и струшкиот бард на новинарството г-динот Наум Бајо – член на Здружението на Новинарите на Македонија и член на Друштвото на писателите на Македонија. Со писмени рекации во коментари се јави и Сашка Кумбароска (сопругата на сега покојниот некогашен Секретар на СВП г-динот Разме Кумбароски). Со коментари на негодување се вклучија и г-дин Рубин Земон, македонски етнолог, универзитетски професор и претседател на Сојузот на Балканските Египќани, вработен е на Универзитетот за информатички науки и технологии и член е на научниот совет на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро Балкан“ во Скопје. Покрај овие еминетни имиња, голем е бројот на угледни и почитувани граѓани што реагираа и им се извинувам што сите не можам да ги спомнам во ова мое кратко обраќање.
Во дел од програмата на СВП за 2023 година напишано е: “Портретот на добитникот на Златен венец се одржува во Св. Софија во Охрид. Оваа година, во термин непосредно пред овој настан, во Св. Софија ќе се одржи и свечен настан посветен на 100 години од раѓањето на Ацо Шопов. Во рамки на „Поезија на пат“ на 28 август во 12:30 часот, во Крушево, Град на културата за 2023 година, во соработка со Општина Крушево и Домот на култура „Наум Наумовски – Борче“ ќе се одржи поетско читање. Како и секоја година, Меѓународниот поетски митинг ќе се одржи во Скопје, во 20:30 часот на 28 август во Музејот на современата уметност”.
Во изминативе пет години откако е ова актуелно раководство на СВП, во седиштето на СВП поточно во ,,Домот на Браќата Миладиновци” во текот на годината речиси и да не е одржана никаква културна манифестација (за оние што не знаат, тука се наоѓа седиштето на СВП и работната канцеларија на Директорот на СВП). Во ,,Домот на Браќата Миладиновци” треба да се одржуваат промоции на книги, средби со писатели, разговори, трибини, стручни и научни книжевни собири и слично. Сите тие активности треба да се одржуваат во текот на целата година, а сега не се случуваат ни за време на неколкуте дена кога се одржуваат Струшките вечери на поезијата. Други активности преку цела година речиси и да нема!
Во годинашната програма на СВП стои: ,,во Св. Софија ќе се одржи свечен настан посветен на 100 години од раѓањето на Ацо Шопов”. Струшките вечери на поезијата се основани во далечната 1961 година од страна на: Ацо Шопов, Блаже Конески, Владо Малески, Гане Тодоровски, Јован Стрезоски, Анте Поповски, Славко Јанески и други познати имиња од тој период. За прв Директор е избран Јован Стрезоски, а во 1962 година за прв Претседател на Фестивалскиот одбор бил избран Ацо Шопов.
Се прашувам со што се поврзува првиот претседател на Фестивалскиот одбор Ацо Шопов со Охрид. Никаде не постои податок дека Ацо Шопов или Јован Стрезоски имале некаква активност во рамкита на СВП и ја одржале во Охрид! Со што може да се поврзат СВП и овие две писателски значајни имиња со Охрид или некој друг град во Македнија во рамките на поетската манифестација. Од тука јавно прашувам како тоа за првиот претседател на Фестивалскиот одбор големиот Ацо Шопов, раководството на СВП одлучило да чествува во Охрид, а не во Струга.
На отварањето на СВП во изминатиот период на отварањето на СВП биле присутни поранешните претседатели Киро Глигоров, Бранко Црвенковски ,Борис Трајковски, Ѓорге Иванов, а ѕидовите на СВП ги красат и фотографии од посетите на Струга на маршалот Тито. Ова говори за сериозниот пристап во минатото кон културата во Струга и меѓународната поетска манифестацијата СВП.
Почитувана Министерке за култура г-ѓа Бисера Костадиновска – Стојчевска,
Крајно време е да ставите крај на ваквото неодговорно раководење со СВП.
Струга во изминатиов осумдецениски период се издигна на врвот на светските поетски метрополи. Од Мостот на поезијата и од Домот на Браќата Миладиновци извираат безброј поетски меридијани и ги поврзуваат Струга и Македонија со многуте светски поетски метрополи. Недозволиво е некој да ги сквернави темелите на СВП. Како што вели една стара поговорка “Каменот е цврст само на сопственото лежиште”, а тоа важи и за СВП. Тие беа и ќе останат светски бренд на своите темели. Оставете ја Струга да се гордее со Т’га за југ, со Браќата Миладиновци, со се она што е наше автохтоно струшко, она што ни го оставиле претходните генерации.
СВП биле и ќе останат светски бренд овде во Струга! Наградите во целост треба да се доделуваат овде во Струга. Свечени настани поврзани со личностите вградени во СВП треба да се одржуваат овде во Струга. Настанот по повод 100 годишнината од раѓањето на Ацо Шопов треба да се одржи во Струга.
Со почит,
Струга, 22.8.2023 година
Димче Шипинкаровски,
кандидат за Градоначалник од редовите на СДСМ на последните локални избори