Почетна ВестиСтудија: Таблетата „ден потоа“ е поефикасна ако се зема со аналгетик, спречува 95 отсто од бременостите

Студија: Таблетата „ден потоа“ е поефикасна ако се зема со аналгетик, спречува 95 отсто од бременостите

од nenad
2 минути читај за

Нова медицинска студија од Хонг Конг покажа дека жените кои земале лек против болки заедно со таблетата „ден потоа“ биле поуспешни во спречувањето на бременоста од жените кои земале само итна контрацепција.

   

Студијата, објавена во списанието „Лансет“ (Lancet), беше спроведена во центарот за репродуктивно здравје во кинескиот град од 2018 до 2022 година.

Испитувањето било спроведено на 860 жени на кои им била потребна итна контрацепција. Ургентната контрацепција претставува користење на таблети (наречени „ден потоа“) со цел да се спречи несакана бременост поради незаштитен сексуален однос.

Студијата од 1998 година покажа дека левоноргестрел, една од најпопуларните таблети „ден потоа“, била ефикасна до 95 отсто во спречувањето на бременоста ако се зема во рок од 24 часа по незаштитен секс, а таа ефикасност паднала на 58 отсто или помалку во рок од три дена.

Авторите на студијата навеле дека земањето на таблетата заедно со пироксикам, лек кој се издава на рецепт за ублажување на болни и воспалителни состојби како што е артритисот, „значително ја подобрил ефикасноста на итната контрацепција“.

Новата студија сугерира дека левоноргестрел може да остане високо ефикасен до три дена по незаштитен секс кога се зема со пироксикам.

Научниците пресметале дека 95 отсто од бременостите биле спречени кај жени кои примале комбинација со пироксикам, во споредба со 63 отсто од оние кои примале плацебо комбинација.

Истражувачката Суе Ло, од Здружението за планирање на семејство во Хонг Конг, рекла за АФП дека наодите се „навистина возбудливи“ и го опишала како „пионерско откритие“ и се надева дека другите истражувачи би можеле да го надоградат.

„За пошироката јавност, итната контрацепција што ја користиме е навистина добра. Среќни сме што пронајдовме нешто за усовршување на терапијата“, рекла таа.

Немало значајна разлика во стапките на несакани ефекти како што се одложени периоди во двете проучувани групи, велат истражувачите.

Оваа студија беше прва што покажа дека „лесно достапен и безбеден“ лек земен заедно со левоноргестрел може да ја зголеми ефикасноста на таблетата „ден потоа“, рекол првиот автор на студијата Рејмонд Ли од Универзитетот во Хонг Конг.

Но, Ли истакнал дека наодите треба да се повторат пред да доведат до промена на политиката.

„Малку е прерано да се бара од жените да додадат (пироксикам) на нивната терапија во овој момент“, рекол Ли, додавајќи дека жената прво треба да разговара за комбинацијата на лекови со својот лекар.

Во посебен коментар во списанието „Лансет“, Ерика Кејхил од Медицинскиот факултет на Универзитетот Стенфорд предупредила дека заклучокот „може да не се однесува на сите пациенти“.

Учесниците во студијата биле главно од азиско потекло и тежеле помалку од 70 килограми, напишала Кејхил, која не била вклучена во студијата.

Подобрената ефикасност „можеби нема да се генерализира на пациенти со повисок БМИ“, забележала таа.