
Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) на денешната 11. седница дискутирал за допис од „ЕВН груп“ (EVN group), испратен до општините, а е поврзан со Одлуката на Владата со која сите потрошувачи (општини и фирми) кои со промена на корисник се стекнале со статус на мали потрошувачи (кој го немале до 1 јануари 2021 година), да мораат најдоцна до 1 јануари 2023 година да почнат да се снабдуваат со електрична енергија на слободен пазар.
Оттаму појаснуваат дека станува збор за проблемот поврзан со јавното (улично) осветлување кое како обврска го имаат општините, а за што прибираат средства од комуналната такса за јавно осветлување. Со последните измени на тарифникот за електрична енергија донесен од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги не постои тарифа за јавно осветлување. Во Законот за комунални такси, во членот 20 , за тарифен број 10 јасно е утврдено кој е износот што секое домаќинство или приватна компанија треба да го плаќа на име на јавно осветлување. Бидејќи нема тарифа, за тоа ЕВН во моментов наплаќа по непостоечка цена ,а општините се обврзани да плаќаат многукратно поголеми сметки бидејќи не постои тарифен број за улично осветлување.

„Ова прашање ЗЕЛС го покрена пред Министерството за финансии, но и после 4 месеци од првичната средба одговор од нив немаме. Во исчекување сме и понатаму на одговор и од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги“,се вели во соопштението.