Summarize this content to 100 words
Изложбата „Пејзаж на вознемиреност (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени)“ се однесува на климатските состојби и еколошките предизвици и ќе се отвори на 9 март во 20 часот во Музејот на современата уметност – Скопје.
Пејзажот на вознемиреност се однесува на промените во животната средина, кои генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастираната животна средина, неконтролирани траектории на експлоатација на основните ресурси, како водата и воздухот, глобален раст и несакани миграции.
Учесници на изложбата се: Тихомир Топузовски, Ивана Васева, ОПА (Опсесивно посесивна агресија) – Денис Сарагиновски и Слободанка Стевческа, Ивана Мирчевска, Дарко Алексовски, Никола Узуновски, Зорица Зафировска, Кирил Арсовски, Билјана Гаревска и Дарко Базерко.
Во рамките на изложбата ќе следува и јавна програма, која ја отвора Адам Ночек, професор по филозофија на науката и технологијата од Државниот универзитет „Аризона“ во САД на 12 март (недела) во 12 часот.
„Делата од оваа изложба се резултат на соработка помеѓу уметници, експерти, активисти, формални и неформални здруженија, институции, овозможувајќи видливост, предлагајќи или поттикнувајќи решенија, или претставуваат форми на активизам, кои ја инволвираат јавноста во врска со постојните проблеми и предизвици“, велат кураторите Топузовски и Васева.
Изложбата е дел од истоимениот проект, кој подразбира шестмесечно истражување и се одвиваше на неколку локации во земјата, како Велес, Битола, Преспа и Скопје, во соработка со членови на еколошко друштво од Велес, „Вила Зора“, иницијативата „Битола на точак“, јавната институција Национален парк Галичица и Природонаучниот музеј на РС Македонија. Во рамките на истражувањето се дискутира за можни соработки, користење уметнички пристапи и методологии преку кои ќе се влијае до соодветните институции за решавање низа ургентни проблеми. Соработници на изложбата се: еколошко друштво „Вила Зора“, Велес, Институт отза комуникациски студии – Скопје, Природонаучниот музеј на РС Македонија. Проектот е целосно финансиран од ФООМ (Фондацијата „Отворено општество – Македонија“).