Мирисот на цимет, каранфилче и портокал е еден од омилените симболи на зимата. Но, за да добиете совршено варено вино дома, важно е да го изберете вистинското вино, да ги погодите зачините и, пред сè, да внимавате на температурата.
Вареното вино е неизоставен дел од празничната атмосфера, но за да уживате во неговиот препознатлив вкус не мора да чекате да ги посетите празничните штандови. Овој топол напиток лесно можете да го подготвите и дома, доколку знаете неколку важни трикови што ги откриваат сомелиерите за „Хафингтон пост“.
Првиот совет е да не претерувате со шеќерот. Тој лесно може да го направи напитокот пресладок, па како алтернатива се препорачуваат порто или ликер од трнинки, кои додаваат сладост и дополнителна арома.
За основа најдобро е да изберете црвено вино со полн, овошен вкус и помалку танини. Мерлото е одличен избор, а нема потреба да купувате скапо шише. Од зачините најдобро одговараат цимет, каранфилче, ѕвезден анасон и ловоров лист, додека лимонот, мандарината и портокалот ќе му дадат свежина. По желба, можете да додадете и суво грозје.
Поврзани објави
Но, најважниот чекор е загревањето. Виното треба да се загрева полека, на тивок оган, без да зоврие. На тој начин се намалува губењето на алкохолот и се зачувува посакуваниот вкус.
За подготовка на три до четири порции ќе ви бидат потребни едно шише црвено вино, три стапчиња цимет, пет каранфилчиња, малку ѕвезден анасон, мускатно оревче, кора од портокал, едно јаболко, еден портокал и 60 милилитри бренди, коњак, рум или ликер од трнинки. По желба, додајте суво грозје и една до две лажици мед.
Загрејте ги овошјето и зачините со малку вода околу 15 минути на тивок оган. Потоа додајте ги алкохолот и виното и продолжете со бавно загревање, без да дозволите смесата да зоврие. Тргнете го тенџерето од оган, додајте мед по вкус и послужете го напитокот топол, со парче портокал или стапче цимет.
Фото: pexels