Компирот често прв се исфрла од исхраната при слабеење, но истражувањата покажуваат дека може да заситува подолго од оризот и тестенините. Важни се и начинот на подготовка и големината на порцијата.
Луѓето што сакаат да ослабат често прво го исфрлаат компирот од менито, сметајќи дека оризот и тестенините се подобар избор. Сепак, истражувањата покажуваат дека компирот може да придонесе за подолготрајно чувство на ситост. Неговата предност не е само во хранливиот состав, туку и во тоа колку голема порција може да се изеде за иста количина калории.
Компирот подолго го намалува гладот
Во истражување објавено во 2018 година во научното списание Nutrients, 14 учесници јаделе ист оброк, но со различен прилог – ориз, тестенини или компир.
Количината на јаглехидрати била изедначена, па порцијата компир изнесувала 337 грама, додека порциите ориз и тестенини биле 142 и 138 грама.
Резултатите покажале дека по оброкот со компир учесниците чувствувале помал глад, поголема ситост и помала желба за дополнителна храна. Објаснувањето е едноставно: компирот има помалку калории по грам, па за иста енергетска вредност може да се изеде поголема количина.
Во истражувањето се наведуваат и претходни податоци според кои компирот заситува трипати повеќе од белиот леб, додека оризот и тестенините покажале само мала предност во однос на него.
Слични резултати дала и студија од 2024 година, објавена во Journal of Nutrition. Кај 26 здрави возрасни лица, оброците со компир и ќофтиња предизвикале помал пораст на шеќерот во крвта и поголемо чувство на ситост во споредба со оброците со ориз.
Поврзани објави
Начинот на подготовка прави разлика
Компирот е добар извор на енергија, растителни влакна, витамини од групата Б и калиум. Британската здравствена служба (NHS) препорачува да се консумира со кората, бидејќи така се внесуваат повеќе влакна, кои придонесуваат за ситост.
Наместо пржење, се препорачува печење во рерна, на пример, во форма на кришки.
Кога станува збор за тестенините и оризот, подобар избор се интегралните варијанти. Нутриционистката Ана Тејлор од американската клиника „Кливленд“ предупредува дека производите од бело брашно, како белиот леб и обичните тестенини, содржат многу калории и јаглехидрати, но малку влакна и протеини. Тоа може полесно да доведе до прејадување.
Како алтернатива таа препорачува интегрални тестенини или тестенини од мешунки, додека NHS советува белиот ориз да се замени со кафеав.
Затоа, компирот не мора да биде непријател на здравата исхрана. Ако е подготвен на соодветен начин и се внимава на количината, може да биде заситувачки прилог и добар избор во режимот на слабеење.
Фото: pexels