Почетна ЕкономијаБрисел со порака до Западен Балкан: Вратите на ЕУ остануваат отворени

Брисел со порака до Западен Балкан: Вратите на ЕУ остануваат отворени

од nenad
2 минути читај за

Лидерите на Европската Унија (ЕУ) ја истакнаа својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ, нагласувајќи дека усогласувањето на партнерите од Западен Балкан со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ продолжува да биде силен израз на нивната стратешка посветеност, се нагласува во Декларацијата од самитот ЕУ – Западен Балкан.

„Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија. Проширувањето е реална можност што треба да се искористи“, се нагласува во Декларацијата.

„Се понестабилната геополитичка ситуација, обележана со агресивната војна на Русија против Украина, конфликтите на Блискиот Исток и сè поинтензивната глобална конкуренција, ја нагласува потребата од сè посилни врски меѓу ЕУ и Западен Балкан“.

„Ќе продолжиме да им даваме сеопфатна поддршка на Украина и нејзиниот народ во одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина од агресивната војна на Русија, во координација со партнерите кои ги делат истите вредности“, рекоа лидерите на ЕУ, додавајќи дека „ја поздравуваат поддршката на партнерите од Западен Балкан во овој напор“.

Декларацијата ја нагласува важноста на определбата на партнерите од Западен Балкан да ги почитуваат европските вредности и принципи, во согласност со меѓународното право.

Како што е наведено, потребни се решителни дополнителни напори за промовирање на помирувањето и регионалната стабилност, како и за наоѓање и спроведување конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови на партнерите и прашањата што произлегуваат од наследството од минатото, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи.

ЕУ, исто така, продолжува да ги поддржува Западен Балкан во борбата против кибер и други хибридни закани, а Унијата ќе продолжи да го поддржува зајакнувањето на поврзаноста во регионот и со ЕУ, вклучително и во областите на енергетиката, транспортот и дигиталното поврзување, како и тековните напори за диверзификација на изворите и рутите за снабдување со енергија.

Соработката во областа на управувањето со миграцијата останува клучна, вклучително и поддршката на ЕУ во управувањето со миграциските предизвици долж западнобалканската рута, се вели во неа.

Заедничките напори треба да продолжат за спречување и сузбивање на корупцијата, трговијата со дрога и сите форми на сериозен и организиран криминал, како и за спречување и сузбивање на тероризмот и насилниот екстремизам, се вели во Декларацијата од Самитот одржан во среда во Брисел.
Извор: МИА