Преку предлози од граѓаните за проекти и идеи што може да се реализираат во иднина, Општина Гевгелија го продолжува процесот на подготовка на општинскиот буџет за 2027 година. Од Општината информираат дека надлежните се запознале со повеќе прашања, барања, идеи и проблеми со што граѓаните секојдневно се соочуваат. За дел од проблемите, посочени се решенија, додека за други, како што велат властите, потребно е повеќе време и координација со надлежните институции.
Истовремено, од Општината најавија и почеток на подготовка на нови проекти, во соработка со Секторот за урбанизам и проектантите. Проектите ќе се одвиваат во повеќе населени места и локации во општината, каде е започната постапка за изработка на техничка документација за нивната реализација.
Станува збор за уредување на излетничката зона „Сифулајка“ со поставување урбана опрема, уредување на просторот покрај реката во Кованец со поставување урбана опрема за одмор и рекреација, изградба на урбан парк во Мрзенци, изградба на парк со детско катче и повеќе содржини во Давидово, целосна реконструкција на домот и придружните простории во Миравци, како и во Ново Конско – Горничет. Покрај овие проекти, од Општината најавуваат и изградба на парк за миленичиња во близина на влезот во Гевгелија. Во тек е и проектот за нов градски плоштад во Гевгелија, потоа изградба на нов фудбалски стадион, изградба на секундарен влез и излез во градот преку улицата Борис Кидрич, изградба на кеј на Вардар, изградба на спортска сала, изградба на фекален колектор во Негорци, изработка на основен проект за изградба на улици во Блок 7.5, изградба на нов резервоар за вода во Негорци и изградба на улицата Гоце Делчев во Богородица, со поврзување кон Стојаково.
– Верувам дека техничката документација за овие проекти ќе биде завршена во текот на 2027 година и дека за поголем дел од нив ќе успееме да обезбедиме финансиски средства. Со реализацијата на овие проекти ќе создадеме нови и уредени јавни простори за дружење, рекреација и забава, но и подобри услови за општествениот и културниот живот во населените места – посочува градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов.
Според општинските власти, поголемиот дел од овие проекти се по барање на жителите, а ќе бидат основа за нови инвестиции и продолжување на развојот на Гевгелија и сите населени места во општината. рш/бд/
Фото: Општина Гевгелија
Извор: МИА