Почетна ЕкономијаОд денеска задолжителна зимска опрема: Кои гуми и синџири мора да ги имате во автомобилот?

Од денеска задолжителна зимска опрема: Кои гуми и синџири мора да ги имате во автомобилот?

од nenad
2 минути читај за

Од 15 ноември до 15 март во Северна Македонија задолжително е поседувањето зимска опрема за сите моторни возила што учествуваат во јавниот сообраќај. Обврската важи без разлика дали на патиштата има снег, мраз или други зимски услови, а возачите кои нема да ја почитуваат може да добијат казна.

Според правилата, за патничките возила со најголема дозволена маса до 3.500 килограми постојат две можности за исполнување на законската обврска.

1. Зимски гуми на сите четири тркала

Возачите можат да користат зимски пневматици на сите четири тркала, при што длабочината на шарата мора да биде најмалку четири милиметри.

Зимските гуми се препознаваат по ознаките „MS“, „M+S“ или „M&S“, како и симболот на снегулка на стилизирана планина со три врва.

2. Летни гуми со задолжителни синџири

Дозволено е возење и со летни гуми на сите четири тркала, но само доколку длабочината на шарата е најмалку четири милиметри и во возилото има синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Тоа значи дека возачите кои немаат зимски гуми не се ослободени од обврската да носат синџири.

Посебни правила за возилата со погон на четири тркала

За автомобилите со погон на сите четири тркала (4×4) важат дополнителни услови. Доколку се користат зимски гуми, тие треба да бидат поставени на сите четири тркала и да имаат шара со длабочина од најмалку шест милиметри.

Алтернативно, може да се користат летни гуми со најмалку четири милиметри шара, но во возилото мора да има синџири за снег. Кај возилата со постојан погон на четири тркала, синџирите треба да бидат најмалку за задната осовина, а кај возилата со приклучлив погон – за постојано вклучената осовина.

Што треба да имаат камионите и автобусите?

За моторните возила со најголема дозволена маса над 3.500 килограми, задолжителната опрема подразбира зимски гуми на погонските тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри.

Како алтернатива се дозволени летни гуми со шара од најмалку четири милиметри, доколку возилото поседува соодветни синџири за снег или други помагала.

Автобусите и товарните возила кои поради технички причини не можат да постават синџири на погонските тркала мора да имаат зимски гуми на погонската осовина и прирачен алат – лопата.

Колкава е казната ако немате зимска опрема?

За возачите кои нема да ја исполнат законската обврска за поседување зимска опрема е предвидена глоба од 45 евра во денарска противвредност. Полицијата може да го прекине и натамошното движење на возилото доколку не ги исполнува условите за безбедно учество во сообраќајот.

Дополнително, кога на патот владеат зимски услови што не овозможуваат безбедно движење, полициски службеник може да нареди прекин на возењето и поставување на соодветната опрема.

Од надлежните институции апелираат возачите навреме да ги проверат гумите, длабочината на шарата и состојбата на синџирите. Важно е и тие да знаат правилно да ги постават, бидејќи зимската опрема не е само законска обврска, туку и значаен фактор за безбедноста на патиштата.