Почетна ЕкономијаЕУ гради култура на подготвеност: Домаќинствата да имаат резерви за првите 72 часа од криза

ЕУ гради култура на подготвеност: Домаќинствата да имаат резерви за првите 72 часа од криза

од nenad
2 минути читај за

Европската комисија објави нови упатства со кои ги повикува граѓаните на Европската Унија да се подготват за вонредни ситуации и катастрофи, препорачувајќи им да обезбедат резерви од храна, вода и основни намирници доволни за преживување во првите три дена, додека не пристигне организирана помош од јавните служби.

Упатствата ги претстави европската комесарка за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб, на Европскиот форум за цивилна заштита во Брисел. Таа истакна дека во кризите, првите часови се од пресудно значење и дека секој граѓанин треба да знае како да го заштити своето семејство и да им помогне на другите, нагласувајќи дека подготовките почнуваат во домовите, училиштата и во локалните заедници.

Главниот акцент во препораките е ставен на тридневната самостојност. Комисијата ги советува граѓаните да имаат подготвено основни резерви во домаќинствата, како и однапред спакувана торба или ранец за итни случаи со најнеопходните работи, во случај да биде потребна брза евакуација. На тој начин тие би можеле да ги задоволат основните потреби сè додека системот за помош целосно не се активира на терен.

Покрај резервите за домаќинствата, упатствата опфаќаат уште три клучни области: воведување едукација за кризни ситуации во градинките и во основните училишта преку активности приспособени на возраста на децата, без предизвикување страв; посебни мерки за заштита на лицата со попреченост, со цел никој да не биде запоставен; како и појасно и побрзо информирање на јавноста од страна на надлежните власти за можните опасности.

Предлогот произлегува и од препораките на панелот на европски граѓани, во кој 150 жители од сите земји членки на Унијата побараа поголемо вклучување на јавноста во системите за заштита и спасување.

Комисијата предложи и воведување официјален Европски ден на подготвеноста, кој би се одбележувал секоја година на 23 октомври, почнувајќи од 2027 година. Датумот е избран бидејќи на тој ден во 2001 година е основан Европскиот механизам за цивилна заштита. Целта е да се поттикнат граѓаните и локалните власти редовно да спроведуваат вежби и да ја подигнуваат свеста за опасностите.

Покрај упатствата за граѓаните, Брисел усвои и препораки за земјите членки за спроведување редовни стрес-тестови и изготвување планови за континуитет на работењето. Од националните центри за цивилна заштита се бара да обезбедат непречено функционирање и координација на помошта 24 часа дневно, дури и во услови на сериозни нарушувања, како што се прекин на електричната енергија, пад на комуникациските мрежи или кибернетички напади.

Иако новите упатства не се правно обврзувачки, тие претставуваат клучен дел од пошироката европска стратегија за зајакнување на отпорноста на кризи. Стратегијата се темели на извештајот од минатата година на поранешниот фински претседател Саули Нинисте, во кој беше предупредено дека Европа, поради сè почестите климатски непогоди и геополитичките закани, мора да изгради култура на подготвеност во сите сегменти на општеството.
Извор: МИА