„Грижата за менталното здравје не треба да биде последна опција“, порачува водителката на поткастот RESET, отворајќи тема за која многумина сè уште се срамат да зборуваат.
Понекогаш не е потребна голема криза за да признаеме дека ни е тешко. Доволно е чувството дека нешто нè притиска, дека не можеме сами да се справиме со секојдневните предизвици или дека ни недостига некој што ќе нè сослуша без осуда. Сепак, многумина и понатаму ја одложуваат одлуката да побараат стручна помош, убедени дека нивниот проблем не е доволно сериозен.
Токму на оваа распространета заблуда укажува Николина Славковска, позната како Нина Ред, која со поткастот RESET отвора искрени разговори за менталното здравје, личните предизвици и потребата да си дозволиме да бидеме ранливи.
На прашањето што би им порачала на луѓето кои сметаат дека немаат „доволно голем проблем“ за да побараат професионална помош, таа има јасен одговор:
Би им кажала дека не мора да бидат на најлошото можно место во животот за да разговараат со професионалец. Ако нешто ти тежи, ако не знаеш како сам/а да се справиш со нешто или едноставно чувствуваш дека ти треба простор во кој некој ќе те сослуша без осуда, тоа е доволна причина да побараш помош.“
Поврзани објави
Според неа, грижата за психичката благосостојба не треба да ја оставаме за моментот кога веќе нема да можеме да се справиме со товарот што го носиме.
Грижата за менталното здравје не треба да биде последна опција. Како што одиме на лекар кога нешто не е во ред со телото, така треба да побараме поддршка и кога не се чувствуваме добро однатре. И најважно, не мора да поминуваш низ тоа сам/а“, порачува Нина.
Водителката признава дека иако денес многу повеќе се зборува за менталното здравје отколку порано, сè уште недостигаат подлабоки и поискрени разговори за теми како осаменоста, депресијата, зависностите, ниската самодоверба и притисокот да бидеме успешни.
Токму затоа RESET продолжува со нова сезона и нови гости, со мисија да потсети дека зад секоја насмевка може да се крие приказна што не ја знаеме – и дека никој не треба да чека да му стане неподносливо тешко за да побара поддршка.
Текст: Марија Лукаревска