Фото: Oпштина Преспа
Ученици од Ресен, Пустец и Лемос ќе учествуваат на вторите училишни игри „За пријателите сè е заедничко“ е мотото под кое во четврток и петок ќе се одржат вторите училишни игри Преспа, во организација на општина Преспа, со учество на ученици од Ресен, од општина Лемос и од Пустец, кои заедно ќе поминат два дена запознавајќи се со природните и културните вредности на регионот преку игра и спорт.
Од општина Преспа информираа дека игрите се враќаат по пауза од седум години, по првите што се одржаа во 2019 година, а со мотото се истакнува дека езерото, природата и културата на Преспа им припаѓаат на сите кои живеат во околината.
Програмата обединува три елементи што ја карактеризираат Преспа: културата, природата и спортот. Така, учениците нема да учествуваат само на спортски натпревари, туку ќе се запознаат со регионот и едни со други, информираа од општината.
Планирано е учениците да ја посетат базиликата „Свети Ахил“, византиската црква „Свети Герман“, ридот „Агиос Јоанис“, од каде што се гледаат трите земји на Преспа, а во спортскиот дел ќе трчаат еден и два километри.
Во сите активности учениците ќе бидат поделени во мешани тимови со деца од трите училишта, така што секоја активност ќе биде можност за меѓусебно запознавање.
Градоначалникот на грчката општина Преспа, Јоргос Стергиу, ги повика жителите и посетителите да дојдат на целта на трките и да ги бодрат учениците.
Преспанските езера нè обединуваат со нашите соседи. Кога учениците од трите земји играат и трчаат заедно, градат пријателства што траат цел живот. Тоа е значењето на „За пријателите сè е заедничко“. Им благодариме на училиштата, наставниците и општините Ресен и Пустец што помагаат да се реализира оваа средба, рече Стергиу.
Училишните игри се реализираат во рамките на проектот ПУЛСЕ на Општина Преспа, финансиран преку програмата ЦЕРВ (CERV – Граѓани, еднаквост, права и вредности) на Европската Унија, додека, пак, медалите и пехарите се обезбедени од програмата Интерег „Грција – Македонија 2021 – 2027“.
Post Views: 275
Извор : vesnik-ilinden.com
Ученици од Пустец, Ресен и Лемос ќе учествуваат на вторите училишни игри во општина Преспа