Европската комисија го објави вториот повик за доставување предлог-проекти во рамките на ИПА III-програмата за прекугранична соработка Македонија – Албанија 2021 – 2027, со наслов „Програма за прекугранична соработка Македонија – Албанија во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), алокации за 2024 година“ – соопшти Министерството за локална самоуправа.
Повикот има цел да ги поттикне организациите од двете земји да развиваат и спроведуваат заеднички проекти што придонесуваат за унапредување на прекуграничната соработка.
Заинтересираните организации се повикуваат навремено да почнат со подготовка на своите проектни предлози, како и со воспоставување контакти и координација со потенцијалните прекугранични партнери. Раното планирање и ефективната соработка меѓу партнерите се важни предуслови за подготовка на квалитетни и одржливи проектни предлози – се вели во соопштението.
Министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ истакнал дека преку европската територијална соработка се создаваат можности локалните заедници заеднички да одговорат на предизвиците, да ги развиваат своите капацитети и да ги искористат локалните потенцијали.
Министерството за локална самоуправа е национален орган за ИПА III-програмата за прекугранична соработка Македонија – Албанија 2021 – 2027, со алокација од 3.430.000 евра, и ја поздравува објавата на новиот повик. Упатувам благодарност до Европската Унија и Делегацијата на Европската Унија за континуираната поддршка и досегашната успешна соработка.
Министерството ќе продолжи да работи на зајакнување на можностите за локален и регионален развој, како и на зголемување на бројот на проекти што ќе се реализираат во рамките на прекуграничната соработка – нагласил министерот.
Од вкупно 62 проекти, истакнал тој, за прекугранична соработка што се реализирани или се во фаза на реализација, само два се спроведуваат во соработка со Република Албанија.
Ова укажува на потребата за значително зголемување на бројот на заеднички проекти во иднина. Затоа ги повикувам единиците на локалната самоуправа и сите заинтересирани партнери активно да се вклучат во новиот повик – истакнал Стоилковиќ.
Крајниот рок за доставување на Концепт нотите е 15 јануари 2027 година. Станува збор за ограничен повик, во чија прва фаза апликантите треба да достават Концепт нота (Анекс А.1 – Образец за аплицирање за грант: Концепт нота).
Целосната документација, условите и насоките за аплицирање се достапни на Порталот за финансирање и тендери на Европската Унија https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/opportunities/portal/screen/opportunities/prospect-details/
Во рамките на повикот ќе бидат организирани и информативни сесии за потенцијалните апликанти. Сесиите се планирани приближно 15 дена по објавувањето на повикот, а дополнителните информации за датумите, локациите и начинот на организација ќе бидат објавени дополнително.
Post Views: 47
Извор : vesnik-ilinden.com