Почетна ЕкономијаЗеленски: Украина нема повеќе да напаѓа руски рафинерии доколку Москва престане со нападите врз украинската енергетска инфраструктура

Зеленски: Украина нема повеќе да напаѓа руски рафинерии доколку Москва престане со нападите врз украинската енергетска инфраструктура

од nenad
1 минути читај за

Украина нема повеќе да напаѓа руски рафинерии доколку Москва престане со нападите врз украинската енергетска инфраструктура, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Можно е да се прекинат нападите врз енергетската инфраструктура уште денеска, но Путин не го сака тоа. Украина ќе биде подготвена да престане со нападите врз руските нафтени рафинерии доколку Русија престане да ја напаѓа нашата енергетска инфраструктура. Сите чекори за деескалација мора да бидат реципрочни и поддржани со конкретни гаранции“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Тој потсети и на последните руски напади врз Украина.

„Благодарен сум им на сите наши служби за итна реакција, кои секогаш се со нашите луѓе и ги отстрануваат последиците по суровите руски удари. Дури утрово завршија пребарувачко-спасувачките работи во Запорожје, каде што Русија уби 23 лица, од кои четири се деца. Вчера во Харков Русите нанесоа удар врз медицинска установа, а оваа ноќ имаше руски удари врз цивилна инфраструктура, станбени згради и енергетски објекти. Утрово Русите погодија петкатна зграда во Славјанск – таму еден од влезовите е целосно разурнат, а под урнатините може да има луѓе“, изјави Зеленски.

Според него, само оваа недела руските сили вкупно истрелале околу 1.450 авионски бомби, 75 ракети од различни типови и над 1.640 ударни дронови, од кои околу 60 проценти се реактивни.

„Денеска ќе ја продолжиме координацијата со партнерите – ќе има разговори со европски лидери. Практично секој ден на различни нивоа ги координираме нашите дејства и работиме на дополнителни одбранбени пакети, пред сè за противвоздушна одбрана и муниција за борбената авијација. Сè ова е за заштита на животот на нашите луѓе и интересите на Украина“, подвлече Зеленски.

Тој нагласи дека „вистинската причина за војната во Европа е Русија и единствено Русија“. јт/

Фото: Зеленски на социјални мрежи
Извор: МИА