Под влијание на циклонска активност од Медитеранот, денот недела (11 октомври) во Македонија ни носи променливо облачно време со врнежи од дожд кои повремено ќе бидат обилни, особено во западните и во јужните предели каде локално ќе наврне позначително количество на дожд (над 30 литри на метар квадратен дожд). Локално ќе биде и нестабилно со пороен дожд, грмежи и со засилен ветер (овие атмосферски процеси можно е да бидат застапени и во форма на невреме).
Во Скопје и околината во споменатиот период погоре исто така времето ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд кои во делови од регионот и од котлината повремено ќе бидат обилни и поројни и со услови за појава на грмежи и засилен ветер.
Што се однесува до температурите, тие ќе бидат пониски во однос на оние кои ги имавме изминатиот период и тоа за 6 до 8 степени, и максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 18 до 23 степени, а во Скопје и околината максималната температура ќе се искачи до околу 20 степени.
Метео прогноза на Славчо Попоски