Почетна ЕкономијаПензискиот систем под притисок: потребни реформи за да се ограничи растот на дефицитот

Пензискиот систем под притисок: потребни реформи за да се ограничи растот на дефицитот

од nenad
1 минути читај за

Пензискиот систем во земјава се соочува со долгорочен финансиски притисок, а без реформи дефицитот би продолжил да расте. Според анализа изработена за Фискалниот совет, до 2030 година дефицитот може да достигне 6,3 проценти од БДП, а највисоко ниво од 6,6 проценти се очекува меѓу 2035 и 2037 година.

Особено ризичен период се прогнозира од 2038 до 2048 година, кога трошоците поврзани со пензискиот систем би достигнале врв, а бројот на осигуреници по пензионер би паднал под 1,3.

Како решение се предлага постепено зголемување на стапката на придонеси до 20 проценти, пензиите да се усогласуваат со инфлацијата, поголемо учество на жените на пазарот на труд и намалување на сивата економија. Според анализата, ваквиот комбиниран пристап би можел да донесе заштеда од околу 5,5 милијарди евра.

Како главни причини за притисокот врз фондот се посочуваат намалувањето на придонесите од 21,2 на 18 проценти, повеќекратните зголемувања на пензиите надвор од законската формула, неповолните демографски трендови и високото учество на неформалната економија.

Од ПИОМ оценуваат дека сегашната стапка на придонес не е доволна за системот самостојно да ги покрива пензиите и дека зголемувањето треба да биде постепено. Воедно, се предлага промена на методологијата за усогласување на пензиите и дополнителна контрола кај повластените пензии.

Дополнителен товар претставуваат и зголемените обврски на ПИОМ кон ФЗОМ, кои, според директорот Никола Мемов, во 2026 година се зголемиле за 3,5 милијарди денари поради растот на пензиите. Тој посочува дека реалниот дефицит на ПИОМ изнесува околу 500 милиони евра.