Почестото четкање, правилната исхрана и вниманието на промените на кожата и влакната се особено важни во овој период од годината.
Со падот на температурите и пократките денови, кучињата и мачките влегуваат во период на поинтензивно есенско линеeње. Станува збор за природен процес со кој животните се подготвуваат за студените месеци, односно летното крзно го заменуваат со погусто и потопло. Интензитетот зависи од расата, возраста и условите во кои живее миленикот.
Редовното четкање е еден од најефикасните начини за контрола на опаѓањето на влакната. Со отстранување на мртвите влакна се спречува нивното заплеткување и создавањето јазли. За кучињата треба да се избере четка според типот на влакното, додека кај мачките четкањето е особено важно бидејќи при чистењето голтаат дел од отпаднатите влакна, што може да доведе до создавање топчиња влакна во желудникот.
Поврзани објави
На здравјето на крзното влијае и исхраната. Квалитетната храна и внесот на омега-3 и омега-6 масни киселини можат да придонесат за здрава кожа и сјајно крзно. Рибиното масло се посочува како еден од додатоците што може да помогне, а особено важно е миленикот постојано да има свежа вода. Со капењето, пак, не треба да се претерува, бидејќи честото користење шампони може да ја исуши кожата и да го зголеми линеeњето.
Иако есенското линеeње е нормално, одредени промени бараат внимание. Ако влакната паѓаат во прамени и оставаат голи делови, или ако животното интензивно се чеша, има црвенило или непријатен мирис на кожата, причината може да биде алергија, паразити или хормонална нерамнотежа. Во таков случај се препорачува консултација со ветеринар.
kapenje kuce – pexels