Почетна ЕкономијаФемицидот може да се спречи: Македонија го развива механизмот „Femicide Watch“

Фемицидот може да се спречи: Македонија го развива механизмот „Femicide Watch“

од nenad
2 минути читај за

Фемицидот и родово базираното насилство остануваат сериозен глобален проблем, а потребата од подобра превенција, навремено препознавање на ризиците и поефикасен институционален одговор беше во фокусот на регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа, која се одржува во Собранието.

Според податоците на Обединетите нации цитирани од ОБСЕ, во 2023 година околу 85.000 жени и девојчиња биле намерно убиени во светот, а околу 60 отсто од нив, односно приближно 51.100, биле убиени од интимен партнер или друг член на семејството.

На денешната конференција, пак, потпретседателката на Собранието Весна Бендевска изнесе податоци според кои во 2024 година биле регистрирани околу 83.000 убиени жени и девојчиња, од кои 50.000 биле жртви на интимен партнер или член на семејството.

Македонија го развива првиот „Femicide Watch“

Во земјава се преземаат чекори за воспоставување систем што треба да овозможи посистематско следење на случаите на фемицид и обиди за фемицид.

Бендевска посочи дека Северна Македонија, со поддршка од Мисијата на ОБСЕ, го развива својот прв „Femicide Watch“ механизам, кој треба да опфати следење и анализа на случаи, следење на судските постапки и воспоставување јавна платформа.

Целта е преку систематско собирање и анализа на податоците да се препознаваат предупредувачките знаци, да се утврдува каде евентуално институционалниот одговор бил несоодветен и искуствата од конкретните случаи да се користат за подобрување на превенцијата.

Методологијата за воспоставување „Femicide Watch“ во Северна Македонија беше претставена уште во декември 2024 година, со вклучување на државни институции и организации кои работат во областа на родово базираното и семејното насилство.

Законите не се доволни без ефикасна примена

На конференцијата беше нагласено дека борбата против фемицидот не може да се сведе само на донесување закони.

Од ОБСЕ укажуваат на потребата од координиран пристап меѓу полицијата, обвинителството, судовите, социјалните служби и другите институции, како и на подобро собирање и анализа на податоците.

Вишата советничка за родови прашања и шефица на Програмата за родови прашања во Секретаријатот на ОБСЕ, Лара Скарпита, претходно предупреди дека постојните напори за спречување на фемицидот мора да бидат дополнети со посилни превентивни механизми, обуки и институционална координација. ОБСЕ во своите анализи го издвојува „Femicide Watch“ како еден од механизмите што можат да помогнат во подобро разбирање и спречување на родово поврзаните убиства на жени и девојчиња.