Министрерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска, во рамки на свеченото отворање на „Европската ноќ на истражувачите“ во МАНУ – Куќата на науката, официјално ја објави поддршката и покровителството на Министерството и нејзината лична поддршка како министер за Националниот натпревар за најдобар бизнис концепт за зелени иновации за средните училишта.
Овој натпревар, кој трае речиси две децении, ги охрабрува средношколците да размислуваат на иновативен и претприемачки начин, претворајќи ги своите идеи во конкретни решенија за предизвиците на современото општество. Во последните години, фокусот на натпреварот е целосно насочен кон зелените иновации и развојот на вештини неопходни за зелената транзиција.
Настанот се одржува во рамки на „Европската ноќ на истражувачите“, иницијатива која има за цел да ја доближи науката, истражувањето и иновациите до граѓаните, а особено до младите. Од ова место, како што информираат од МЕРМС, Божиновска упати порака дека институциите треба да обезбедат простор младите идеи да добијат поддршка и шанса да се реализираат.
-„Ако сакаме зелена и одржлива иднина, мора да инвестираме во младите кои ќе ја создаваат“, изјави таа. – „Со ова покровителство, застануваме зад нивното знаење, креативност и иновативност и испраќаме јасна порака дека нивните идеи се значајни и дека институциите се тука да ги поддржат. Тоа е поддршка на знаењето, иновацијата, претприемништвото и храброста на младите да создаваат решенија“, додаде Божиновска.
Во своето обраќање пред присутните претставници на МАНУ, истражувачите, професорите и наставниците, министерката истакна дека ваквите иницијативи претставуваат врска помеѓу науката, образованието, иновациите и реалните потреби на општеството.
„Европската ноќ на истражувачите“ е можност науката да излезе од лабораториите и академските кругови и да стане поприфатлива за граѓаните, особено за младите. Во време на брз технолошки напредок, вештачка интелигенција и нови технологии, Божиновска потенцираше дека технологијата сама по себе не е доволна – потребни се знаење, креативност и одговорност за таа да се трансформира во вистинска иновација.
Националниот натпревар за најдобар бизнис концепт за зелени иновации за средните училишта се организира веќе 18 години. Од 2009 година, ко-организатори се Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ) и Машинскиот факултет – Скопје при УКИМ.
Од 2021 година, во рамките на Машинскиот факултет функционира и Центарот за извонредност за зелени иновации, кој е главен организатор на натпреварот. Натпреварот веќе има значајно европско признание – ја освои престижната ETF Green Skills Award 2025, натпреварувајќи се со 250 апликации од повеќе од 50 земји.
Оваа година, интересот на средношколците е особено забележлив. 42 средношколски тимови пријавија свои иновативни зелени решенија, а над 60 наставници од Скопје, Охрид и Штип учествуваа во обуки поврзани со подготовката за натпреварот.
Со официјалното прогласување на покровителството, Божиновска ги повика средношколците да размислуваат храбро, да истражуваат и да создаваат.
-„Не треба да се плашите од големите идеи. Истражувајте, експериментирајте и користете го знаењето и новите технологии за да создавате решенија. Можеби токму една идеја која започнува како училиштен проект ќе прерасне во иновација, компанија или решение кое еден ден ќе придонесе за почиста енергија, поефикасно користење на ресурсите и подобар живот за сите нас“, нагласи Божиновска.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со своето покровителство, се приклучува кон иницијативата за поддршка на младите, развојот на зелените вештини и создавање нова генерација иноватори, со цел знаењето и креативноста на младите да добијат простор за реализација во конкретни решенија и нови можности.
Говорејќи за важноста на науката и иновациите, Божиновска истакна дека енергетската транзиција, енергетската ефикасност, обновливите извори, новите технологии и одржливото користење на ресурсите не се само прашања за институциите.
-„Одговорите на овие предизвици ќе ги создаваат токму денешните млади. Затоа тие не треба да бидат само идни учесници во промените – тие треба да бидат нивни активни креатори“, потенцираше министерката.
Од Министерството истакнуваат дека поддршката на ваквите иницијативи е инвестиција во иднината, бидејќи зелената транзиција не е само промена на енергетскиот систем, туку и промена на начинот на кој размислуваме, создаваме и ја градиме економијата.
вј/са/
Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
Извор: МИА