Почетна ЕкономијаИнтервју со проф. д-р Зоран Панов: Модерниот инженер веќе не размислува само за продуктивност, туку за паметен рударски екосистем

Интервју со проф. д-р Зоран Панов: Модерниот инженер веќе не размислува само за продуктивност, туку за паметен рударски екосистем

од nenad
7 минути читај за

На 30 и 31 октомври Охрид ќе биде домаќин на XVII-то стручно советување со меѓународно учество ПОДЕКС – ПОВЕКС 2026, настан кој веќе седумнаесет години ги поврзува науката и практиката во рударството во Македонија и пошироко во регионот.

Пред почетокот на советувањето разговаравме со проф. д-р Зоран Панов, претседател на Научниот одбор на ПОДЕКС-ПОВЕКС и редовен професор на Факултетот за природни и технички науки, Катедра за површинска експлоатација при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, за тоа што покажуваат годинешните научни и стручни трудови, кои теми доминираат меѓу истражувачите и инженерите од праксата, и со каква порака ги повикува инженерите, компаниите и младите истражувачи да бидат дел од советувањето.

Како претседател на Научниот одбор на XVII-то стручно советување со меѓународно учество Подекс – Повекс, веќе имате најдиректен увид во она што годинава го создава научната и стручната јавност. Каков е интересот за советувањето, колку трудови пристигнаа за ПОДЕКС-ПОВЕКС 2026, од колку автори и земји?

Секоја година, кога се затвораат роковите за пријава, Научниот одбор добива нешто повеќе од список со наслови. Добива информација за тоа до каде е „нивото“ и состојбата на рударството во Македонија и регионот. Кој проблем ги буди инженерите во јамите на пример во 02:00 наутро? Каде се трошат средствата за истражување и развој? Кое решение веќе функционира во некој рудник во Австралија или Канада, а кај нас сè уште се решава со девизата „како што било до сега”? Одговорите на овие прашања ги нема во учебниците. Тие се раѓаат во рудниците, во откопите и најчесто се „анализираат“ токму на советувања како што е Подекс – Повекс. Поради тоа, овој настан одамна престана да биде во стилот на „уште една конференција”. Тоа е настан и место каде теоријата преминува од хартија или компјутер на терен, јас би рекол од теорија и искуство во пракса.

До овој момент за XVII-то советување пристигнати се 15 трудови од автори и коавтори од Македонија и уште четири држави. Структурата на авторите е она што најмногу ни зборува: Покрај професорите и научните истражувачи, значителен дел од пријавените трудови се потпишани од инженери од пракса, од рудници со површинска и подземна експлоатација и од оператори од индустријата. Луѓе кои секој ден работат менаџерски и оперативни работи во рудници, „калибрираат“ дупчечко – минерски параметри, мерат деформации на теренот, пресметуваат стабилност на косини, буквално кажано секојдневно се изложени на потреба за решавање на најразлични проблеми.

Токму оваа комбинација на автори од академска прецизност и теренско искуство, го прави советувањето Подекс – Повекс специфичен меѓу сите настани во регионот. Добар научен и стручен труд во рударството ретко започнува со апстрактна хипотеза во лабораторија. Вообичаено, основата на секој труд е да биде анализа на конкретен проблем. Кога инженерот од рудникот ќе го формулира тој проблем, а истражувачот ќе го стави во рамките на нумеричко моделирање, ќе го верифицира и модифицира со најразлични анализи, моделирања и ин – ситу мерења, тогаш се добива знаење што не стои на полицатата како книга. Тоа знаење се применува веќе следниот ден во истиот простор каде се појавил проблемот, во истиот откопен блок, во истиот рудник. Токму тоа е највисоката форма на научниот и стручниот придонес на секое стручно и научно советување.

Судејќи според темите, кои прашања годинава најмногу ги преокупираат истражувачите и инженерите, класичната експлоатација и продуктивноста, безбедноста, дигитализацијата, автоматизацијата, одржливоста, енергетската ефикасност или веќе гледаме и сосема нови области?

Според пристигнатите трудови, авторите годинава веќе не ги набљудуваат само овие прашања како изолирани теми, туку најчесто преку призмата на една нова, интегрирана инженерска логика, пропратена со нови технологии и методологии на истражување. При анализата на трудовите, може да се констатира дека во нив фокусот на истражувањето е спојот на класичната експлоатација со напредните дигитални алатки, автоматизацијата, далечинско online следење и aнализите на процеси. Сè повеќе трудови се потпираат на современо моделирање и обработка на огромни количини на влезни податоци, што овозможува инженерските одлуки да се донесуваат врз основа на информации во реално време, отворајќи со тоа сосема нова димензија на оптимизицијата на процесите во рударството. Во тој контекст, сè поприсутно е 4D моделирањето, каде што покрај тридимензионалниот просторен приказ се интегрира и времето како четврта димензија. Ова овозможува прецизно симулирање на динамиката на експлоатацијата и следење на развојот на рудникот низ различните фази на неговиот животен век.

Кон ова, би сакал да напоменам дека како нова област која е присутна во трудовите е и примената на вештачката интелигенција (ВИ) во рударството, која заедно со напредните алгоритми станува главна алатка за унапредување на традиционалните процеси. Паралелно со ова, во трудовите е застапена и одржливоста на рударството, каде што енергетската ефикасност, управувањето со ресурсите и безбедноста повеќе не се третираат како секундарни прашања, туку се директно интегрирани во основата на техничкото планирање. Заклучокот е дека модерниот инженер веќе не размислува само како „класичен“ инженер фокусиран на зголемување на продуктивноста, туку е насочен кон воведување на вештачката интелигенција и третман на рудникот како комплексен технолошки екосистем

Рударството е индустрија во која голем дел од знаењето се создава директно во рудниците и на терен, а не само на универзитетите. Колку се важни настани како ПОДЕКС-ПОВЕКС за да се сретнат науката и практиката, да се разменат реални искуства, и добрите решенија од една компанија или земја да станат достапни и за останатите?

Универзитетите се центрите каде што се развиваат теоретските концепти, а рудниците се местата каде што тие решенија се применуваат и тестираат во реални услови. Во рударството, голем дел од клучните сознанија произлегуваат директно од секојдневната практика од теренот, бидејќи специфичните геолошки и рударски услови не можат секогаш целосно да се предвидат во лабораториски услови.Токму затоа, настани како советувањето Подекс – Повекс се од суштинско значење како платформи за поврзување на науката и практиката. Ова се места каде што теоретските модели се усогласуваат со теренските предизвици, а инженерите од производството добиваат пристап до најновите научни методи за решавање на конкретни технички проблеми.

Споделувањето на искуствата овозможува брз трансфер на знаење помеѓу компаниите и различните земји. Иновативното решение што некој рудник го имплементирал денес без разлика дали станува збор за автоматизација, примена на вештачка интелигенција или нови геомеханички анализи, веќе утре станува достапна практика која ја зголемува безбедноста и ја оптимизира работата во други рудници. Без вакви стручни собири, технолошкиот напредок би останал изолиран во локални рамки, со што би се забавил развојот на целиот рударски сектор. Советувањето дејствува како поттик за побрза модернизација на индустријата, помагајќи ѝ на оваа стопанска гранка да се развива како отворен и напреден технолошки систем.

Што ќе го одбележи годинашното XVII издание на Подекс – Повекс на 30 и 31 октомври во Охрид? Кои теми од научните и стручните трудови одбрани од Научниот одбор очекувате да предизвикаат најголем интерес и со каква порака би ги поканиле инженерите, компаниите, младите истражувачи и останатата стручна јавност да бидат дел од советувањето?

Се надевам дека годинашното советување ќе покаже една многу важна промена, а тоа е насоката кон иднината на рударството во Македонија и регионот. Според мое мислење, фокусот на ова советување ќе биде интеграцијата на класичните рударски дисциплини со новите дигитални технологии. Претпоставувам дека главниот акцент ќе биде ставен на трансформацијата на оперативните процеси, каде што ефикасноста и еколошката одржливост веќе се воведуваат уште од почетните фази на техничкото планирање. Најголем интерес меѓу трудовите очекувам да предизвикаат темите поврзани со автоматизацијата, далечинското следење и примената на ВИ.

Акцентот ќе биде ставен на обработката на податоци во реално време за оптимизација во рударството, во геомеханиката, особено во минирањето и транспортот, со цел подигнување на безбедноста и намалување на оперативните трошоци.

Паралелно, мислам дека на советувањето ќе се отворат и прашањата за управување со ресурсите, отпадот и рекултивацијата. Ова советување нуди директна платформа каде научните истражувања се соочуваат со практиката на терен, овозможувајќи трансфер на успешни инженерски решенија меѓу компаниите.

Нашата порака до инженерите, компаниите, младите истражувачи и студентите е активно да се вклучат во работата на советувањето. За искусните професионалци ова е простор за размена на оперативни решенија, а за младите колеги и студентите – единствена можност да видат како теоријата се трансформира и применува во современи, паметни рударски екосистеми