Европската комисија се очекува официјално да ја поддржи целта на Албанија за завршување на пристапните преговори за членство во Европската Унија до крајот на 2027 година, објави „Еуроњуз“, повикувајќи се на претставници на ЕУ.
Според информациите, рокот би бил вклучен во нова патна карта за Албанија, која ќе содржи конкретни реформи, цели и резултати што земјата треба да ги исполни за да ги затвори преостанатите делови од преговарачкиот процес.
Албанија веќе подолго време го посочува крајот на 2027 година како цел за завршување на преговорите. Премиерот Еди Рама и други високи албански претставници повеќепати изјавуваа дека оваа цел е усогласена со Европската комисија.
Досега, сепак, Комисијата беше претпазлива во определувањето конкретни рокови, нагласувајќи дека пристапувањето во ЕУ се заснова на заслуги и на исполнување на поставените услови.
„Проширувањето не функционира со датуми“, изјави во јули еврокомесарката за проширување Марта Кос, посочувајќи дека за конкретни временски рамки може да се зборува кога земјата ќе се приближи до завршувањето на техничкиот дел од процесот.
Новиот пристап би можел да биде дел од патните карти што Европската комисија ги подготвува за кандидатите кои постигнале поголем напредок. Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, во своето обраќање пред Европскиот парламент најави дека наскоро ќе бидат предложени патни карти за земјите-кандидатки кои напредувале во процесот на приближување кон Унијата.
За Албанија, посебен фокус ќе имаат реформите во судството и владеењето на правото. Европската комисија подготвува и проценка на исполнувањето на критериумите за затворање на преговарачките области.
Според „Еуроњуз“, Тирана треба да изготви конкретен список на цели и резултати што треба да ги постигне за да ги затвори преостанатите празнини во преговорите.
Сличен пристап Комисијата веќе примени во случајот со Црна Гора, каде што беа прецизирани реформите и резултатите потребни за исполнување на условите за пристапување.
Патната карта за Албанија би требало да даде појасна слика за преостанатите обврски и чекорите што земјата треба да ги преземе до завршната фаза од пристапниот процес.
Сепак, евентуалниот рок до крајот на 2027 година би бил индикативна цел, а не гаранција за членство во ЕУ во таа година. Завршувањето на преговорите е само еден од чекорите во процесот на пристапување.
Post Views: 13