Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави ново зголемување на платите за наставниците во март следната година, согласно договорот постигнат со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).
Јаневска денеска, при посетата на основното училиште „Љубен Лапе“ во скопската општина Аеродром, посочи дека растот на платите е дел од преземените обврски и дека наставниците можат да сметаат на дополнително зголемување и во 2027 година.
Таа нагласи дека нема простор за неизвесност во однос на примањата на просветните работници, бидејќи, според договорената динамика, нивните плати ќе продолжат да растат и во наредниот период.
„Тоа е сигурно и во согласност со договореното со СОНК“, изјави министерката, одговарајќи на новинарски прашања.
Јаневска потсети дека во минатото прашањето за платите на наставниците често било проследено со неизвесност, различни договори и спогодби, а имаше и периоди кога незадоволството резултираше со штрајкови.
Според неа, сега е воспоставен појасен модел и наставниците не треба да стравуваат за своите примања.
„Во овој случај тие се безбедни, не треба да мислат на платите, тие ќе се покачуваат секоја година. В година во март повторно ќе бидат покачени платите на наставниците“, порача Јаневска.
Со најавеното зголемување, Министерството за образование очекува да продолжи трендот на постепено подобрување на материјалниот статус на наставниот кадар, во рамки на договорената динамика со СОНК.