Почетна ЕкономијаМицкоски: Се очекува стапката на раст на БДП над 3,5 проценти да продолжи во претстојниот период

Мицкоски: Се очекува стапката на раст на БДП над 3,5 проценти да продолжи во претстојниот период

од nenad
2 минути читај за

Во наредниот период, неопходно е да се фокусираме на производи кои генерираат значителна додадена вредност, со цел да се стимулира како бруто домашниот производ, така и целата економија на државата.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Виница изрази очекување дека трендот на годишен раст на реалниот БДП над 3,5 проценти, во услови кога европската економија расте под 1 процент, ќе продолжи.

“Со зацврстување на европскиот пазар, кој претставува нашиот најзначаен трговски партнер, бидејќи над две третини од нашата економска размена се одвива со ЕУ, очекувам овој раст да се интензивира, а зошто да не, да достигнеме посакувани 4 до 5, па дури и 6 проценти раст на БДП”, истакна Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на новиот градски пазар во Виница.

Според премиерот, Македонија може да им понуди стратешка локација на странските инвеститори, бидејќи, како што нагласи, земјава е раскрсница на два клучни европски коридори: Коридорот 10, кој ја поврзува Централна Европа со Медитеранот преку Егејското Море, и Коридорот 8, кој ги поврзува Јадранското и Јонското Море со Црното Море.

“Овие два коридори се од големо значење, а ние сме природна раскрсница. Сите странски инвеститори можат да ја искористат оваа предност. Како следна предност, можеме да понудиме искусен и квалитетен кадар, кој располага со знаење, што претставува наша компаративна предност во однос на останатата конкуренција во регионот”, рече Мицкоски.

Тој додаде дека може да се понудат и многу други поволности, бидејќи граѓаните на Македонија се чесни и вредни луѓе, кои сакаат да работат, да создаваат и ја сакаат својата земја. “Сметам дека ова е од големо значење и за инвеститорите”, подвлече Мицкоски.

Ако се земат предвид податоците од Државниот завод за статистика, додаде, од моменталните нешто под 90.000 невработени лица кои активно бараат работа, ако се исклучат земјоделците и самостојните вршители на дејност, кои се неколку десетици илјади, како и средношколците на возраст од 15 и 16 години (бидејќи статистичката евиденција ги опфаќа лицата од 15 до 65 години), тогаш стапката на невработеност е под 5 проценти, па дури и пониска.

Извор: МИА