Се приготвува лесно и брзо од состојки што веќе ги имате
Ако сакате вкусна и заситувачка мачканица, без многу компликации, оваа домашна пилешка паштета е полн погодок.
Се приготвува од едноставни состојки што повеќето веќе ги имаат во кујната, а резултатот е кремлива и ароматична мачканица, идеална за појадок, вечера или лесна ужина.
Одлично оди со тазе леб, тост или крекери, а можете да ја понесете и како практичен оброк на работа.
Состојки:
- 400 г бело месо
- 1 главица кромид
- 1 чешне лук
- 1 врзоп магдонос
- 2 лажици сенф
- 2 лажици мајонез
- 1 лажица кечап
- сок од пола лимон
- сол и бибер по вкус
- малку власец
- прстофат кари за попикантен вкус, по желба
Поврзани објави
Приготвување:
Белото месо најпрво испечете го во рерна за да добие убава боја и да стане сочно. Кога ќе се олади малку, искинете го на помали парчиња и ставете го во блендер.
Додајте покрупно сечкан кромид, чешне лук, ситно сечкан магдонос, сенф, мајонез, кечап и сок од лимон. Посолете и забиберете по вкус, а доколку сакате поинтензивни и попикантни вкусови, додајте и малку кари.
Блендирајте го сето тоа заедно додека добиете мазна и компактна смеса. По потреба можете да додадете уште малку мајонез или лимонов сок, за да биде паштетата уште покремлива.
Готовата паштета префрлете ја во чинија и посипете ја со ситно сечкан власец. Највкусна е кога добро ќе се олади во фрижидер, а совршено оди со тазе леб, тост и чаша јогурт или кисело млеко.
ФОТО: Freepik