Румен Радев денеска официјално ја презеде функцијата премиер на Бугарија, откако парламентот во Софија го изгласа новиот владин кабинет со 124 гласа „за“, 70 „против“ и 36 воздржани.
Со тоа завршува повеќегодишниот период на политичка нестабилност и чести избори во соседната земја. Радев, кој до почетокот на годинава беше претседател на Бугарија, ја напушти шефовската функција за да влезе директно во извршната власт по победата на парламентарните избори со движењето „Прогресивна Бугарија“.
По полагањето свечена заклетва во Народното собрание, новиот премиер порача дека владата ќе биде фокусирана на стабилизирање на економијата, носење нов буџет и деблокирање на институционалните реформи.
Во составот на кабинетот има четири вицепремиери и 18 министри. Поранешниот технички премиер Галаб Донев ќе ја води финансиската политика, додека Министерството за надворешни работи му е доверено на Велислава Петрова-Чамова.
Новата влада внимателно се следи и во Брисел и во регионот, особено поради ставовите на Радев за односите со Русија, енергетиката и војната во Украина. Аналитичарите очекуваат Софија да се обиде да задржи европски курс, но со поумерен пристап кон дел од надворешнополитичките прашања.