Почетна Економија„Оне Македонија телекомуникации“ избран за трет мобилен оператор, тече рокот за уплата на еднократен надоместок од 8.020.003 евра

„Оне Македонија телекомуникации“ избран за трет мобилен оператор, тече рокот за уплата на еднократен надоместок од 8.020.003 евра

од nenad
4 минути читај за

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска донесе решение со кое „Оне Македонија Телеком“ од унгарската групација „4iG“ е прогласен за најповолен понудувач на тендерот за избор на трет мобилен оператор во земјава.

Од АЕК за МИА информираа дека со денешната одлука започнува да тече рокот од 10 дена за уплата на еднократниот надомест за трите фреквенциски опсези, кои се доделуваа преку тендерот, во вкупна вредност од 8,020,003 евра. Најнискиот почетен износ за пазарната вредност на радиофреквенциите како еднократен надомест за одобрение А1 е 4,2 милиони евра, за одобрение Б1 е 1,5 милион евра, а за одобрение Ц1 – 2,32 милиони евра.

По извршената уплата, ќе може да се издаде одобрението. Компанијата теоретски може веднаш да започне со работа, односно да побара пристап преку мрежите на постоечките оператори додека ја гради сопствената инфраструктура.

Првиот услов што новиот оператор ќе треба да го исполни е до крајот на март 2027 година да покрие еден град со 5G технологија. До крајот на 2028 година, главните транспортни коридори, согласно Договорот за основање на транспортна заедница, треба да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал. До крајот на 2030 година, овој стандард треба да биде воспоставен во сите градови во државата.

До крајот на 2032 година, секој граѓанин треба да има пристап до интернет преку 5G мрежа со минимална брзина од најмалку 100 Mbps. Носителот на одобрението е должен да започне со користење на доделените радиофреквенции најдоцна во рок од една година од датумот на отпочнување на важноста на одобрението.

Во областите со слаба или непостоечка покриеност, доколку носителот на одобрението планира да изгради нов сајт, ќе мора да ги консултира и другите оператори за заедничко инвестирање. Исто така, операторот ќе мора да обезбеди пристап до пасивна инфраструктура врз основа на разумно барање од други оператори.

„Според условите на тендерот, почетокот на сервисот е до крајот на 2026 година, така што по носењето на официјалната одлука од страна на АЕК, ќе започнеме со официјален процес на воспоставување нова мобилна мрежа во Македонија. Најдоцна до крајот на 2026 година мора да почнеме со операција во најмалку еден град во Македонија, можеби и порано, но тоа е краен рок кој го користиме како ориентација за нашите плански активности“, изјави Бране Ѓуровиќ, извршен директор на ОНЕ Македонија, на 22 август минатата година, по отворањето на понудите на тендерот, на кој беа единствен понудувач.

Рокот на важност на одобренијата за користење радиофреквенции А1 и Ц1 ќе биде 12 години, односно до 2037 година, а на одобрението Б1 – 8 години, до 2033 година. Ова е со цел усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператора.

Од АЕК сметаат дека влезот на третиот мобилен оператор во земјава ќе ја засили конкуренцијата на пазарот, што беше константна забелешка во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија.

Процесот за воведување трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги започна минатата година, откако Групацијата 4iG, преку својата подружница „Оне Македонија Телеком“, на 17 декември 2024 година официјално достави писмо за намери до АЕК, изразувајќи интерес за обезбедување достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во земјава.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николовски, во тогашна изјава за медиумите оцени дека официјализирањето на интересот за влез на пазарот од Групацијата 4iG ќе означи крај на дуополот на двата мобилни оператори во земјата и намалување на цените за мобилни услуги.

На 22 април 2025 година, Агенцијата за електронски комуникации отвори јавна расправа, која резултираше со писма за искажување интерес од „Оне Македонија Телеком“ ДООЕЛ Скопје, „Битстрим Мобиле“ ДООЕЛ Скопје и од „e&ppf telecom group B. V.“. На 19 јули 2025 година, АЕК донесе одлука за распишување јавен тендер со јавно наддавање за доделување одобренија за користење радиофреквенции од опсезите 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz.

На македонскиот пазар во моментов оперираат „Македонски телеком“ АД Скопје и „А1 Македонија“ ДООЕЛ Скопје, како и виртуелните оператори „Лајкамобајл“ ДООЕЛ Скопје, „Мтел“ ДООЕЛ Скопје, „Роби“ ДООЕЛ Штип и „Греен Телекомуникации“ ДОО Прилеп.

Заклучно со третиот квартал лани, бројот на активни претплатници во мобилната телефонија изнесува 2,105,467. Од нив, 833,089 се резиденцијални припејд-претплатници, 1,024,072 се резиденцијални постпејд, а 248,306 се деловни постпејд.

Според податоците на АЕК за третиот квартал лани, „А1 Македонија“ има 47,41% удел во вкупниот број претплатници, „Македонски телеком“ – 46,68%, „Мтел“ – 4,55%, „Телекабел“ – 1,27%, а „Греен мобиле“ – 0,10%. Во приходите од обезбедување мобилни комуникациски услуги (на малопродажно ниво) во третиот квартал од 2025 година, „Македонски телеком“ учествува со 49,49%, „А1 Македонија“ со 48,58%, „Мтел“ со 0,93%, „Телекабел“ со 0,79%, а „Греен мобиле“ со 0,11%. Пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G/3G/4G) во третиот квартал имале 1,781,697 претплатници.