Од листата со 27 побарувања на земјоделците, 16 се веќе задоволени или се третираат позитивно. Четири се во процес на разгледување или дискусија со цел да се пронајде решение, додека само седум не можат да бидат решени. Причините за тоа се или спротивност со основните европски правила и функционирањето на заедничката земјоделска политика, или финансиска неизводливост, напиша на Фејсбук грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Тој повторно нагласи дека се отворени за разговор, „но не и за нереални барања“, според известувањето на дописникот на МИА од Атина.
Во својот традиционален неделен пост, Мицотакис се осврна и на протестите и блокадите од страна на земјоделците, кои траат веќе три седмици. Тој порача дека нивното одбивање да водат дијалог „не служи никому и е пример за деструктивен пристап“.
„Економските последици од блокадите врз останатиот дел од општеството веќе се очигледни. Напорите за остварување на барањата мора секогаш да се одвиваат со почит кон целото општество“, истакна премиерот.
„Ако земјоделците кои учествуваат во блокадите одбиваат да ги слушнат аргументите на Владата, нека ги слушнат претставниците на хотелиерството, угостителството и стопанските комори од нивната област“, продолжи Мицотакис.
„Нивните пријатели и роднини кои сакаат да патуваат и да ги посетат за празниците. Но, нека размислат и за нашата татковина, за нејзината меѓународна трговија и економска активност, врз кои нивните протести имаат негативно влијание и, секако, без никакво позитивно влијание врз остварувањето на нивните барања“, заклучи Мицотакис.
Земјоделците, кои ги започнаа своите протести на 30 ноември со околу 60 блокади низ цела Грција, не се откажуваат од своите барања. Денес ќе одржат нови средби за да ги утврдат следните активности. Најавено е дека за време на Божиќ и Нова година имаат намера да ги отворат автопатите и улиците, но тракторите ќе останат паркирани.
Од 1 декември, трактори се паркирани и на граничниот премин Евзони кон Северна Македонија. Во изминатите денови, таму беше блокиран сообраќајот за сите возила во периодот од 18 до 22 часот по локално време.