Општина Пустец, со своите природни прелести, пространството на езерото и мноштвото цркви и манастири, станува сѐ попопуларна дестинација меѓу туристите.
“Во изминатите девет месеци од годинава нашата општина ја посетија околу 50 илјади туристи.”
Освен домашни и гости од Македонија, од година во година се зголемува бројот на туристи од многу европски држави, кои, како што велат, се воодушевени од убавините на нашата општина, изјави за МИА, Пали Колефски, градоначалник.
Тој додава дека само преку една македонска туристичка агенција во изминатите десетина дена областа ја посетиле 35 туристички групи.
“Ова покажува дека Пустец сè повеќе привлекува посетители од целиот свет, како дел од турите за откривање на убавините на Албанија. Покрај другото туристите го посетија Островот Мал Град и беа воодушевени од пештерската црква”, посочува тој.
Според него, групите се придружувани од локални водичи, кои обезбедуваат детално запознавање со историјата, природата и културата на регионот.
“Во последните години вложивме многу напори и реализиравме повеќе проекти, со кои е подобрена патната инфраструктура, имаме уредени плажи, редовно водоснабдување. И понатаму ќе преземаме активности за создавање услови за престој на туристите”, нагласува Колефски.
Тој очекува оваа година да биде надминат бројот од 80 илјади туристи колку што ја посетиле општината минатата година. Општина Пустец ја сочинуваат девет населени места распослани на брегот на Преспанско Езеро.
вт/бк/фото: Општина Пустец