Почетна ЕкономијаМинистерството ќе ги финансира националните паркови „Шар Планина“ и „Пелистер“

Министерството ќе ги финансира националните паркови „Шар Планина“ и „Пелистер“

од nenad
1 минути читај за

По предлог на првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, Владата на денешната седница ја одобрила одлуката за доделување финансиска поддршка на двата национални парка, „Шар Планина“ и „Пелистер“, кои години наназад се соочуваат со финансиски тешкотии.

Според информациите од МЖСПП, главната цел на оваа доделена финансиска помош е унапредување на институционалните способности и стабилен развој на овие заштитени предели.

“Врз основа на доставените барања од двете јавни претпријатија, Владата одлучи со ребалансот на Буџетот за 2025 година да додели 10 милиони денари за ЈП „Шар Планина“ и 12,6 милиони денари за ЈП „Пелистер“, во форма на капитални субвенции за јавни претпријатија.”

Од Министерството наведуваат дека овие средства ќе бидат употребени за поддршка на обврските кон вработените и изведувачите во овие паркови, набавка на современа опрема за брза прогноза и следење на ризиците од шумски пожари и поплави, како и за реализација на иновативни методи за заштита и подготвеност на граѓаните во рамките на проектот PREVENT од програмата IPA 2.

Со оваа финансиска поддршка, Министерството за животна средина и просторно планирање има намера да го зајакне одговорното управување со националните паркови, да го поттикне развојот на еко-туризмот и да ја подобри заштитата на природното богатство и биодиверзитетот во овие области од исклучителна важност за државата.

“Националните паркови имаат особено значење за државата, бидејќи континуирано спроведуваат активности за заштита на природата, одржливо управување и развој на еко-туризмот. Тие се меѓу најважните туристички дестинации во земјата, каде се реализираат проекти за подобрување на инфраструктурата, еколошко образование и промоција на природното наследство”, се вели во соопштението на Министерството за животна средина.

фф/бк/Фото: МЖСПП.