Од денес, приватните автобуски оператори во Скопје ќе функционираат според вообичаениот распоред.
Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) вчера попладне изврши уплата од по 6 милиони денари на секоја од трите компании, како што потврди за МИА сопственикот на Јофи Бус, Јовица Зафировски.
Зафировски додаде: “Сумата не е многу голема меѓутоа ние кажавме да ни се уплати одредена сума за да можеме да продолжиме. Тоа задоволува за наредниве две недели да возиме редовно и се надеваме дека во тој период ќе имаме средства односно уплата од ЈСП за да можеме без прекин да работиме.”
Тој исто така потсети дека автобусите имаат потреба од редовно одржување, како и секојдневно снабдување со гориво за нивно функционирање. Зафировски нагласи дека заради овие трошоци, потребни се редовни исплати за да се избегне прекин во превозот и граѓаните да не чекаат на автобуските постојки.
Приватните превозници Јофи Бус, Вестор Транс и Радос Компани, кои работат во Скопје, во петокот побараа од ЈСП да им биде исплатен вкупниот долг од 170 милиони денари, од кои, според нивните изјави, во моментот биле достасани 90 милиони денари.
Вчера тие работеа со намален капацитет од 5 до 10 часот, а од денес се враќаат на редовен распоред.