Почетна ЕкономијаБесплатен пристап до Web of Science за македонските професори, научници и истражувачи

Бесплатен пристап до Web of Science за македонските професори, научници и истражувачи

од nenad
3 минути читај за

Денес, Министерството за образование и наука ја официјализираше соработката со Clarivate – Web of Science, овозможувајќи бесплатен пристап до научните бази на оваа платформа. Оваа можност ќе биде достапна за професорите, научниците и истражувачите од државните универзитети во земјата, како и од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Во Скопје, претставници на Clarivate ги презентираа можностите на платформата Web of Science пред членовите на македонската академска и научна заедница. Ова следеше по одлуката на Владата донесена претходно оваа пролет за воспоставување на соработка и обезбедување бесплатен пристап до платформата.

Договорот за пристап до Web of Science со сопственикот на базата – Clarivate, беше официјално склучен од страна на Министерството за образование и наука во текот на јули.

На денешната конференција, претставникот на компанијата, Радек Бучиковски, заедно со својот тим, ги информираше членовите на академската заедница за начините за полесно користење на базата и потенцијалните придобивки кои ги нуди.

“Clarivate е многу горда на оваа нова соработка со Северна Македонија и навистина ја цениме довербата што ја имате во нас. Ние имаме над шест години искуство работејќи со влади, универзитети и академски заедници во многу земји низ светот. Веруваме дека тоа искуство ќе и помогне на Северна Македонија за унапредување на истражувањата и иновациите”, изјави Бучиковски.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека преку користењето на оваа база, научниците, професорите и истражувачите ќе имаат пристап до 26.000 списанија и 182 милиони записи.

“Тоа е важно бидејќи на нашите научници ќе им ја олесни нивната работа, ќе им даде пристап до најновите достигнувања и, она што е во моментов актуелно во светот, ќе им олесни да ги креираат своите трудови, своите проекти. Оваа соработка ќе придоенесе за поголема видливост на нашата научно-истражувачка работа во светот и соработка со видни универзитети. Но, основно е она што ние го имаме за цел – еден од нашите универзитети да го ставиме меѓу првите илјада на Шангајската листа, а за да се позиционира таму потребно е годишно да објавуваат 1200 трудови во списанија со импакт-фактор. За жал, кај нас тоа објавување е на ниско ниво. Очекувам соработката со Web of Science да го поткрене нивото – и на квалитетот на трудовите, но и на квантитетот и брзината со која ние ќе можеме да ги исполнуваме условите”, изјави Јаневска.

Јаневска нагласи дека ќе бидат потребни и измени на законите за високо образование и за научно-истражувачка работа, во кои “критериумите за избор ќе бидат малку построги”.

“Односно, државата ќе побара од научниците, професорите, истражувачите, кои сега имаат услови, да и возвратат на државата со тоа што ќе истражуваат и ќе пишуваат, и да поткренеме барем еден од нашите универзитети погоре на таа листа”, додаде Јаневска.

Министерката, исто така, посочи дека Владата продолжува да инвестира во науката, со издвоен буџет од 680 милиони денари за оваа година, од кои 370 милиони денари веќе се распределени.

“Финансираме објавување на трудови, објавување трудови во списанија со импакт-фактор, учество на наши научници и истражувачи на меѓународни конференции, објавуваме повици за научно-истражувачки проекти, финансираме и поддржуваме меѓународни проекти. Тоа е важно за да го направиме нашето општество попродуктивно, поинавативно и попросперитетно во иднина. Со овој пристап, де факто нашите научници можат да придонесат за развој на општеството”, заклучи Јаневска.