Министерството за одбрана на САД воведе нови рестрикции за новинарите кои известуваат за Пентагон, со наредба да не собираат или користат податоци за кои немаат формална дозвола за објавување, во спротивно ќе им бидат одземени акредитациите за известување.
Меморандум од 17 страници доставен од Пентагон до медиумите наведува дека сите информации за објавување мора претходно да бидат верификувани од овластено лице, дури и ако не се класифицирани, објавија вчера американските медиуми. Новинарите ќе мора да се обврзат во писмена форма дека нема да објавуваат никакви претходно неодобрени информации. „Ова ефикасно забранува објавување на материјал што потекнува од неименувани функционери.”
На новинарите им е исто така ограничено движењето во Пентагон, а големи делови од зградата се прогласени за недостапни за влез без придружба. Иако пристапот до многу канцеларии и сали за состаноци во Пентагон и претходно беше ограничен, новинарите досега имаа слободен пристап до поголемиот дел од објектот и неговите ходници.
Пентагон во моментов има околу деведесет новинари акредитирани за известување од војската. Американските медиуми сметаат дека овој потег може значајно да го ограничи протокот на информации за американската армија.
Националниот прес-клуб, национално здружение на новинари, ја нарече одлуката „директен напад врз независното новинарство“ и побара таа итно да се укине. Ова е последна мерка на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за контрола на медиумското известување.
Упатствата доаѓаат по острите критики на Трамп кон медиумското известување во САД за него и неговата администрација, кое тој го смета за претерано негативно. мс/фото: ЕПА. Извор: МИА