Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) вечерва ги објави резултатите од вонредните анализи, извршени по големиот пожар кој избувна во саботата во складиште за отпад во скопското село Трубарево.
Според денешните истражувања на земените примероци од вода, не е констатирана радиоактивност. Исто така, нема опасни концентрации на тешки метали во земјиштето.
Од ИЈЗ известија дека е забележано покачување на два параметра, Cu (бакар) и Zn (цинк) само од една тестирана локација – површинскиот слој каде што гореле литиумски батерии, но ова е во границите на очекуваното.
“Институтот за јавно здравје изврши вонредно испитување во засегнатото подрачје и во неделата беа земени примероци, мостри од страна на професионален експертски тим од ИЈЗ за испитување на радиоактивност во вода, почва и воздух како и примероци за испитување на тешки метали во почва, земја и испитување на тешки метали во вода.”
Вчера, ИЈЗ објави дека според резултатите и извршените анализи, во земените примероци не е утврдено присуство на радиоактивност во воздух и почва, а исто така не е утврдено присуство на тешки метали во вода.
Денес, ИЈЗ ги комплетираше анализите и истражувањата на примероците за анализа на тешки метали во почва, како и испитувањата за радиоактивност во вода, соопштија од Институтот. Како што информираат, земени биле примероци од неколку локации од погоденото подрачје за испитување на тешки метали во земјата.
Дополнителните анализи, финализирани денеска, покажаа дека нема отстапувања од нормалните вредности за вкупно 16 тешки метали (Pb, Cd, As, Ni, Hg Cr, Cu, Zn, Sn, Ba, Be, Co, V, Tl, Mo, Sb).
“Се забалежува зголемување на два параметри Cu (бакар) и Zn (цинк) само од едно испитано место, а тоа е површинскиот слој каде што гореле литиумски батерии и истото е во рамките на очекувањата.”
“Во сите останатите места нема отстапување од референтните вредности за испитаните 16 тешки метали”, се наведува во соопштението.
Како што посочија од Институтот, денес била анализирана и радиоактивноста во примероците од вода и според добиените резултати, нема радиоактивност во земените примероци.
Од ИЈЗ потенцираа дека анализите се извршени во најкраток можен рок и дека тие ќе бидат повторувани според предвидените протоколи.
“ИЈЗ останува во понатамошна координација со Министерството за здравство и со сите надлежни државни институции и за секоја наредна активност, јавноста ќе биде соодветно информирана”, додадоа од ИЈЗ.
бд/дма/Фото: МИА архива .
Извор: МИА