Почетна ЕкономијаМицкоски: Отворањето на дел од Кичево-Охрид покажува дека Македонија оди напред, ова е нашата визија

Мицкоски: Отворањето на дел од Кичево-Охрид покажува дека Македонија оди напред, ова е нашата визија

од nenad
2 минути читај за

Отворањето на уште една секција од автопатот Кичево-Охрид е цврст аргумент дека Македонија прогресира, се развива и ги пребродува долготрајните години на стагнација, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски при пуштањето во употреба на делот Климештани-Охрид, во должина од 17 километри, во близина на охридскиот аеродром Свети Апостол Павле. “Автопатот Кичево-Охрид е од стратешко значење за нашата земја.”

Тој е значајна сообраќајница за спојување на југозападниот дел на Македонија со остатокот од државата и со Охрид – град кој претставува не само наш туристички скапоцен камен, туку и светско културно наследство. Со овој автопат, Охрид и целиот регион добиваат нов поттик за развој, нови можности во туризмот и светла иднина за економијата.

“Со побрзо, полесно и побезбедно патување, овој автопат ќе донесе повеќе туристи, повеќе инвестиции и повеќе можности за локалната економија. Ќе се намали времето на патување, ќе се олесни транспортот на стоки и услуги и ќе се отвори простор за нови бизниси и нови работни места”, истакна премиерот.

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид, според него, речиси една деценија беше симбол на блокирани и недовршени проекти. “Граѓаните со право беа разочарани. Гледаа градилишта кои стојат, а не патишта што се користат. За жал, поради таквата слика, голем дел од нашите сограѓани и го оставија својот живот овде. Денес ја менуваме таа слика. Денес покажуваме дека таму каде што имаше застој има решение, таму каде што имаше недоверба има резултати”, потенцираше Мицкоски. Оваа Влада, нагласи тој, не го губи времето на оправдувања, туку на работа.

“Ова е нашата визија, Македонија на дела, не на изговори. Ова е доказ дека можеме да го оставиме зад себе периодот на застој и да го отвориме патот на развојот. Ќе продолжиме вака да градиме, да завршуваме почнати работи и да создаваме нови перспективи за секој регион и за секој граѓанин”, рече претседателот на Владата.

Тој потсети дека за година и половина оваа Влада ги пуштила во употреба делниците Градско-Фариш од 25,7 километри, Страцин-Крива Паланка од 25,5 километри, Врбјани-Ботун од приближно 20 километри. “Тоа се 70 километри нови патишта и со оваа делница од Кичево до Охрид бројката ќе достигне 87,5 километри. И тоа за помалку од година и половина. Тоа не се зборови, тоа се дела”, додаде Мицкоски.

Според него, опозицијата ќе измислува неточности и ќе се обиде да конструира различни работи за да ѝ нанесе политичка штета на Владата. “Но, ние немаме потреба да реплицираме на таквата политика на црни мисли, политика која ја турка Македонија назад. Ние ќе работиме, ќе градиме за разлика од тие кои што беа влада на СДСМ и ДУИ, кои седум години не направија ништо и само крадеа. Тоа е суштинската разлика меѓу едната и другата влада”, заклучи Мицкоски во своето обраќање.