Во обемна операција на имиграциската служба во фабрика на Хјундаи во сојузната држава Џорџија, САД, уапсени се 475 имигранти, осомничени за престој и работа во земјата без дозвола, соопшти висок претставник од Министерството за домашна безбедност за Си-Би-Ес Њуз.
Фокусот на операцијата беше еден од најголемите и најзначајните производни капацитети во Џорџија, кој гувернерот и други официјални лица го нарекоа најобемен проект за економски прогрес во историјата на државата.
Hyundai Motor Group, јужнокорејска компанија, започна со производство на електрични возила пред една година во фабрика вредна 7,6 милијарди долари, во која се вработени околу 1,200 лица.
Моментално е стопирана изградбата на фабрика која е во процес на градење, а е наменета за производство на батерии за електрични возила.
Министерството за домашна безбедност во официјално соопштение истакна дека службениците го спровеле налогот за претрес „како дел од тековната кривична истрага за наводи за нелегални практики за вработување и други сериозни федерални прекршувања“.
Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја објави дека праќа претставници на местото на настанот и ја повика амбасадата на САД во Сеул „да биде исклучително претпазлива за да се осигури дека нема да бидат прекршени легитимните права и интереси на корејските граѓани“.