Африм Гаши, претседателот на законодавниот дом, закажа седница на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање за денеска во 11 часот. Повод за седницата се тековните сомневања за нелегално прислушување од страна на АНБ, кое наводно се одвивало во периодот од 2019 до 2024 година.
Според информациите објавени вчера од собраниската служба за односи со јавноста, со состанокот ќе раководи пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска.
Оваа одлука следи по јавниот апел на пратеникот Љупчо Пренџов, член на собраниската Комисија за надзор на АНБ и АР, до претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи од Европскиот фронт, за свикување итна седница. Реџепи одговори дека нема да свика таков состанок додека се чувствува дискриминирано.
„Целта е на седницата да се разгледаат загрижувачките сомнежи за незаконско постапување во АНБ, односно, да утврдиме точен датум за официјална посета во Агенцијата за национална безбедност преку која ќе извршиме директен увид во состојбите и темелно испитување на сите околности поврзани со овие настани“, изјави Пренџов.
Според пратеникот, овие настани предизвикале голема загриженост во јавноста и, како што нагласи, ја поткопуваат демократијата и довербата во институциите задолжени за заштита на националната безбедност. „Токму затоа, обврска на Комисијата е да делува одговорно и транспарентно, со цел да се обезбеди отчетност на институциите и заштита на нивниот интегритет и демократијата во државата“, појасни Пренџов.
Реџепи истакна дека не може да учествува на таква седница поради класифицираните информации и отсуството на одговор на неговото барање за безбедносен сертификат, поднесено уште во ноември или декември минатата година. „Која би била логиката, председателот на Комисијата да не може да присуствува на една таква Комисија или таков претрес во службите. Пред една година имам поднесено барање за безбедносен сертификат. Сметам дека тоа е дискриминација“, рече Реџепи. Тој додаде дека претседателот на Собранието има овластување да свика седница на Комисијата.