Министерството за енергетика ги става на располагање сите договори – концесии и ЈПП, со што ја демонстрира отвореноста на власта во пракса, потенцираше министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси, Сања Божиновска, на денешната тематска седница на Владата посветена на Партнерството за отворена власт, каде се дискутираше за напредокот и посветеноста на институциите.
Во официјалното известување од Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси се посочува дека, преку својата преданост и визија, активно партиципира во реализацијата на актуелниот Акциски план за Партнерство за отворена власт 2024–2026 година.
Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси има улога на координатор на заложбата 1.3 – Јавно објавување на склучените договори за концесии и за воспоставување јавно-приватно партнерство, како и активен учесник во заложбата 1.2 – Јавно објавување на вистински сопственици на компаниите што имаат склучено договори со државата. Со овие заложби, креирани во соработка со граѓанскиот сектор, Министерството јасно порачува: “Енергетиката, рударството и минералните суровини се сектори од големо јавно значење што го носат економскиот развој на државата. Нивното управување мора да биде транспарентно, отчетно и достапно за јавноста, затоа што успехот во овие области се гради и се дели со граѓаните – тој е од нив и за нив”, смета Божиновска.
Во однос на конкретните резултати, од Министерството информираат дека е формирана работна група која има задача да го реализира објавувањето на сите склучени договори за: 1. концесии за експлоатација на минерални суровини и 2. договори за детални геолошки истражувања. “Овие документи се јавно достапни на веб-страницата на Министерството: www. energy. gov. mk, овозможувајќи директен увид за граѓаните и граѓанските организации”, се нагласува во соопштението.
Во сферата на јавно-приватното партнерство (ЈПП), Министерството веќе води Регистар на доделени договори. “Овој регистар ќе се надогради согласно новиот Предлог-закон за ЈПП, преку воспоставување Единствен електронски систем за јавно-приватно партнерство што ќе ги опфати сите фази на проектите – од планирање, до доделување, спроведување и завршување на договорите. Системот ќе биде директно поврзан со Националниот електронски систем за јавни набавки (ЕСЈН)”, се додава во известувањето.
Преку овие активности, Министерството ја потврдува својата заложба дека транспарентноста и отчетноста претставуваат темел на ефикасното управување со јавните ресурси.