Во Делчево започна реализацијата на проектот „Произведи храна во склад со природата и допринесувај во справувањето со климатските промени“. Имплементатор е Здружението на производители на органски производи „Аронија“ од Делчево, а целта на проектот е да се имплементираат биолошките методи со употреба на природните ресурси во производството на биохрана на фарми со пермакултура. Овој вид на мотивирано градинарство во склад со природата, како што истакнува претседателот на здружението Фиданчо Христов, е иновативен пристап во производството на биохрана, каде производителите користат природни ресурси за исхрана, прехрана и биолошка заштита на растенијата.
Проектот предвидува и едукација на младите за справување со влијанието на климатските промени, преку воведување на пермакултура и користење на природните ресурси за производство на биохрана. Главните активности преку кои ќе се остварат целите на проектот се воведување на иновативни технологии за подобрување на производството на храна, искористување на природните ресурси и растителен отпад, одржување на обуки и едукации за примена на пермакултура, и воспоставување на биофарми со модели на пермакултура за производство на биохрана. Финансиски, проектот е поддржан од Центарот за истражување и информирање за животната средина EKO-CBECT од Скопје, и е под грант од проектот „Граѓанските организации 33 климатска акција” финансиски поддржан од Владата на Шведска.