Државната награда „Мајка Тереза“ денес беше врачена во Собранието на овогодишните лауреати, доц. д-р Ирфан Ахмети од Клиниката за ендокринологија и Борче Стаменов од Иницијативата „Донирај компјутер“.
Признанието им се дава за исклучително важни реализации од интерес на државата во сферата на човечноста и меѓучовечката солидарност и за стимулирање, унапредување на взаемното разбирање и развивање на соработката, помеѓу народите, но и помеѓу членовите на различните заедници, култури и религии.
Претседателот на Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, Бехиџудин Шехапи истакна дека државната награда е повеќе од обично признание бидејќи, како што рече, „хуманоста не се натпреварува, туку безусловно учествува во изградбата на похуман и поубав свет“.
„Во новата ера одбележана со информации, брзина и трансформација во еден модерен дигитален виртуелен и вештачко интелигентен свет, за жал наспроти технолошкиот подем регресира човечката свест. Тоа го докажуваат војните во Палестина и Украина и уште многу студени војни кои требаше да се лекција за пропаст, а не повторување кое докажува дека хуманоста, разбирањето и дијалогот се поразени. Во нашата земја изгоре младоста на Кочани, изгоре душата на тој град, која денеска пробуваме да ја лекуваме со почит, сочувство и подадена рака, поддршка за се што е потребно и ќе биде потребно во годините што доаѓаат“, рече тој.
Шехапи потенцираше дека со овој свечен чин продолжуваме да ги следиме чекорите на Мајка Тереза на делотворност, благородност и човекољубие кон човештвото и кон Бога. „Овој јубилеј сакам да го отворам со цитат од Мајка Тереза „Има повеќе глад во светот за љубов и почитување, отколку за леб“. Овие зборови на Мајка Тереза не сплотуваат во чест на човековата доблест, хуманост и солидарност. Со овој свечен чин продолжуваме да ги следиме нејзините чекори на делотворност, благородност и човекољубие од една страна кон човештвото и богољубие, вера и духовна височина во себесплотувањето со Бога од другата страна“, изјави Шехапи.
Доц. д-р Ахмети нагласи дека за него оваа награда претставува огромна чест и голема одговорност да продолжи со неговото хумано дејствување. „Како што би рекла Мајка Тереза „не е важно колку правиме, туку како го правиме тоа и колку љубов внесуваме“. Јас лично нема да се задржам во мојот стручен придонес врз општеството, затоа што медицинската дејност сама по себе е хумана професија. „Направи нешто добро и заборави на тоа“ оти во моето досегашно искуство секогаш тоа што е направено и заборавено во одреден момент се појавува човек што сме му завршиле голема работа, со емоции ти се приближува и ти искажува голема благодарност за тоа што си направил за него, а при тоа јас и Борче не сме свесни за тоа затоа што и Мајка Тереза дава препорака „Направи нешто и не мисли да ти се возврати тоа, туку направи го со душа“. Со Борче имаме различни професии, но не спојува хуманоста која претставува еден мост меѓу луѓето, културите и заедниците. Свесни сме дека во денешницата медицината, информатиката, па во иднина вештачката интелигенција ќе се спојуваат, но факт е дека ќе треба доста да работиме на тоа како емоциите да ги спојуваме со тоа што е техничко“, рече Ахмети.
Стаменов, кој е исто така добитник и на државната награда „Мето Јовановски“, нагласи дека овие награди за него претставуваат дополнителна мотивација дека на некој начин е на прав пат и тоа што го прави наидува на позитивен одѕив. „Целата иницијатива почна на работа. Дојде една женичка да побара половен компјутер, имаме доста клиенти кои што ги оставаат дотраени, им го однесов дома и кога гледаш дека се радуваат на нечие ѓубре буквално, си викаш дека тоа може да биде добра идеја. На почетокот ми беше интересно, а и има доста социјално загрозени семејства низ Македонија што не можат да добијат уред. Си рековме да стигнеме до 100 и доста е. Се случи Ковид и тогаш се виде колку сме неспремни и како држава и како свет за такво нешто. Се виде колку недостасува опрема во цела држава и тука ние пристапивме. За околу шест месеци успеавме да донираме 600 компјутери“, изјави Стаменов.
Државната награда „Мајка Тереза“ за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човечката солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката, како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери, за прв пат беше доделена во 2006 година.
фф/вј/Фото: МИА