31 Октомври – Ден на штедењето како повод за потсетување на потребата од реформирање на правилата за осигурување на депозитите во македонските банки
За потребата од реформирање на правилата за осигурување на депозитите во македонските банки сум пишувал и сум зборувал често.
Ефекти? Никакви…
Денешниот ден на штедањето, како и последните објави на рекордните финансиските резултати на најголемите македонски банки за третото тримесечие од 2022 година, го потврдуваат МОМЕНТУМОТ за менување на правилата за осигурување на депозитите. Условите се созреани, потребна е само политичка воља на надлежните. Добитници ќе бидат граѓаните и микро и малите (семејни) компании.
Ова подолу е мојот став кој беше објавен пред помалку од една година. Не менував ништо, само го репостирав.
Македонија има најлош систем на осигурување на депозитите во регионот.
Дилеми (ако некој ги има): Профитабилноста на банките V’s безбедноста на депозитите на граѓаните и компаниите
Кратко вовед: После речиси 12 години од првичната најава, забавената модернизација во банкарскиот сектор (недостаток на понуди и иновации, недостаток на дигитализација), надолните каматни трендови и политиката на НУЛА камата за трансакциските пари кои задолжително се чуваат во банките, недонесувањето на закон за платните системи, долгиот период на висока профитабилност на банките кои се во доминантна сопственост на странски сопственици, итн. се создаваат услови за промена на режимот на осигурувањето на депозитите во македонските банки.
Случајот со Еуростандард е јасен сигнал за итната потреба од менување на актуелниот систем на осигурување на депозитите.
А што е потребно да се направи?
Да се активираат механизмите кои постојат во Законот, а чија примена е одложена до влегувањето на Македонија во ЕУ (!!??).
Ваквата одложена примена пред повеќе од десет години не изгледаше толку далеку колку што изгледа сега.
Конкретно (две најважни работи) што треба ургентно да бидат донесени:
1) Со режимот на осигурување на депозитите да бидат опфатени МИКРО и МАЛИТЕ трговци соглесно со ЗТД, односно под депозити (што ќе бидат осигурени) да се подразбираат:
– денарските и девизните депозити,
– трансакциските сметки,
– депозитите врзани за парични картички и
– девизни приливи на правните лица (микро и мали трговци).
2) Да се подигне (од 30.000 евра) на 100.000 евра износот за обештетување од Фондот за осигурување на депозити. Осигурувањето да се однесува по депозит во една банка, филијала на странска банка и штедилница пресметани по средниот курс на Народната банка на денот на конечноста на решението за одземање на лиценцата.
Единствена слаба страна на предлогот: Зголемени трошоци за банките заради потребата од повисоко осигурување.
За предностите што ќе ги има банкарскиот сектор со апалицирање на овој предлог не треба многу елаборација.