Новоизбраната потпретседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, изјави дека институцијата останува посветена на своите законски должности, независно од тековните случувања поврзани со екс претседателката Татјана Димитровска.
Одговарајќи на новинарско прашање по денешната седница на ДКСК, Ристовска потенцираше дека компетентните органи веќе дејствуваат по случајот, а Комисијата ја продолжува својата работа.
“Надлежностите согласно закон продолжуваме да ги извршуваме. Во однос на ситуацијата, веќе постапуваат надлежни органи”, рече таа. Ристовска беше избрана на 21-та седница на ДКСК, а функцијата ќе ја преземе од Билјана Каракашова Шулев на 21 август, со мандат од шест месеци. Заменик претседателот на Комисијата се избира по принципот на ротација по азбучен ред.
Комисијата остана без претседател откако Димитровска достави оставка по обвинувањата од Обвинителството за гонење организиран криминал.
Таа е обвинета за откривање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, обвинет во случајот „Адитив“, како и за компјутерски фалсификат – тест за сертификат за државна тајна положен од ревизор во нејзино име.
Собранието на 1 август донесе одлука за објавување јавен конкурс за избор на нов претседател. Конкурсот завршува денес, а досега се пристигнати десетина кандидатури.
Постапката ќе продолжи по 3 ноември, по завршување на локалните избори.
Фото:Принтскрин.
Извор: МИА