Почетна ЕкономијаТрајков: Поголема искористеност на ЕУ фондовите за подобар живот на граѓаните

Трајков: Поголема искористеност на ЕУ фондовите за подобар живот на граѓаните

од nenad
2 минути читај за

Министерството за европски прашања е подготвено да асистира во процесот на аплицирање за зголемено користење на европските фондови, со цел да се овозможи побрз прогрес на општините. Ова беше потенцирано на денешната средба на заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков со градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.

Како што информираа од МЕП, на средбата се разговарало за нивото на искористеност на ЕУ фондовите во општината, како и шансите за стимулирање на граѓаните и компаниите за подигнување на интересот за пообемна реализација на овие фондови во општината. Притоа, биле дефинирани и прецизни чекори со цел зајакнување на капацитетите на општината за поголемо користење на ЕУ фондовите.

Посебен акцент бил ставен и на сегашните и планираните проекти поврзани со локалните бизниси и можностите за поддршка на овие проекти преку европските фондови, со цел да се придонесе во развојот на општината.

Министерството за европски прашања, како што нагласи Трајков на средбата, ги става на располагање своите ресурси со цел да помогне во создавање на сите предуслови за непречено аплицирање, со цел да се овозможи поголема искористеност на ЕУ фондовите во насока на подобрување на животот на граѓаните.

Во склоп на посетата на Прилеп, таа ја посети компанијата „Бимфуд ДОО“, која со помош на ИПАРД средства го модернизираа производството и со тоа е овозможен понатамошен развој на компанијата.

„Заменик-министерката Трајков го посети и Основното училиште „Добре Јованоски“ во Прилеп каде имала можност да ги види придобивките од изградбата на новото мултифункционално игралиште реализирано во рамките на проект поддржан од УНДП: „Зајакнување на националните и локалните системи за поддршка на ефективна социо – економска интеграција на повратниците во Западен Балкан“,” стои во соопштението.

Нејзината посета на Прилеп, додава МЕП во соопштението, беше заокружена со обиколка на спортските терени во општината, како и кратка посета на новата градинка „Бајка“, отворена неодамна, а со којашто се решава повеќедеценискиот проблем за згрижување и грижа на најмладите на територијата на општина Прилеп.

„За време на посетата на Прилеп заменик-министерката Трајков порача дека Владата ќе продолжи да работи на реализација на програми и проекти за подобрување на животот на граѓаните како на национално, така и на локално ниво,” стои во соопштението на МЕП.

нд/вј/Фото: МЕП .

Извор: МИА