Процесот во судот против 19-те лица обвинети за нападот врз концертната сала „Крокус“ во близина на Москва, во кој животот го загубија 149 лица, а 609 беа повредени, денес почна со засилени мерки за сигурност.
Една групација на организацијата Исламска држава ја презеде одговорноста за терористичкиот чин во Красногорск на 22 март 2024 година, кога четворица вооружени напаѓачи пукаа во цивили кои чекаа да започне настап на познат рок бенд, а пред тоа ја запалија зградата.
Претседателот Владимир Путин и други високи функционери на Русија ја обвинија Украина за вмешаност во нападот, без да приложат докази. Киев категорично негираше каква било поврзаност.
Истражниот комитет, највисоката институција за кривични истраги во Русија, објави извештај во јуни дека нападот бил „планиран и извршен во интерес на сегашното раководство во Украина со цел да се дестабилизира политичката ситуација“ во Русија. Покрај тоа, беше наведено дека четворицата осомничени сторители се обиделе да избегаат во Украина по извршениот чин.
Четворицата осомничени, кои се државјани на Таџикистан, беа притворени неколку часа по нападот, а потоа беа изведени пред Московскиот суд со видливи знаци на тешко насилство.
Комитетот годинава извести дека уште шест лица се обвинети во отсуство и се ставени на листата на барани лица за наводно регрутирање и обука на четворицата напаѓачи за извршување на нападот. Останатите девет обвинети се товарат за помагање и поддржување на нападот.
Судењето ќе се одвива зад затворени врати поради разгледување на доверливи информации и поради мерки за безбедност за сите учесници во процесот, вклучувајќи го и државниот обвинител. Сослушувањата ќе продолжат до среда.